Струмица: Молитвено посвојување – одбери свештеник или чесна сестра и моли

Во Година на посветениот живот и на Светскиот молитвен ден за духовни звања, 26 април 2015 година младите од парохијата Свети Иван Крстител – Струмица  започнаа молитвена акција насловена како „Молитвено посвојување – одбери свештеник или чесна сестра и моли“ во која ги повикуваат верниците на молитва за свештениците и чесните сестри.

Во повикот на младите од парохијата „Свети Иван Крстител – Струмица стои:

Во година на Богопосветениот живот, која ја прогласи папата Фрањо на 30 октомври 2014 година и ќе трае до 2 февруари 2016 година младите од парохијата Свети Иван Крстител – Струмица повикуваат на молитвено посвојување на еден свештеник или чесна сестра во текот на оваа година.

Свештениците и чесните сестри постојано молат за потребите на верниците. Најверојатно и вие сте побарале од некој свештеник или чесна сестра да молат за вас и вашите потреби, посебно кога сте биле во некоја многу тешка ситуација. Тоа тие го прават со големо задоволство.

Знаме и покрај тоа што му служат на Бог, дека и тие се само луѓе и имаат потреба од нашите молитви. И тие, како и самите ние понекогаш се слаби, паѓааат и пак се подигнуваат, а нашите молитви се нешто со што најмногу би можеле да им помогнеме.

Од тука се роди и оваа идеја кај нас младите од парохијата и наместо да бараме од нив да молат за нас, ние да се молиме за нив.

А нивните молитви за Божјиот народ сигурно дека нема да изостанат.

Затоа, одберете еден свештеник или чесна сестра, најдете соодветно време во текот на денот и молете за него/неа барем една десетка од Светата Бројаница во текот на денот и молитвите кои се на овој лист.

За вашите молитви Бог ќе ви возврати со обилни духовни дарови.

Млади од Свети Иван Крстител—Струмица

к.мк/го*ко

Категорија: Македонија

За авторот