Молитвената накана на епископот Стојанов за септември 2025 година е посветена на неделата, односно да ја откриеме важноста на неделата како ден Господов, а гласи:
Бог, уште на почетокот на создавањето, „во седмиот ден отпочина од сите дела Свои“ (Битие 2,3) и ни заповеда и ние да одмориме, и човекот и животните (Исход 20,9-10). Неделата е ден Господов, ден на Воскресението, ден за да оствариме заедништво со Него преку неделната света Литургија, да Му благодариме за сè што ни дава и да се одмориме во Него, имајќи ги на ум Исусовите зборови: „Дојдете при Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам“ (Матеј 11,30).
Да не дозволиме да ни се украде неделниот одмор, ниту од работодавците, ниту пак од сопствената желба за повеќе заработка. Колку и да имаме, пари секогаш ќе недостигаат, секогаш ќе се малку, ако не научиме да се задоволиме со она што го имаме. Но, ако не остваруваме заедништво со Бога, ќе го изгубиме мирот, времето ќе ни биде за сé кратко, а семејството ќе го ставиме на маргините. Дури тогаш губиме сè. Кога го имаме Бога, имаме сè што ни е потребно; кога Го немаме, ништо друго не може да го исполни нашето срце.
Пресвета Богородица нека ни помогне да ја откриеме важноста на неделниот одмор и заедништвото со Бога.
к.мк