Во видео пораката за молитвената накана за месец април која ја објави Папската молитвена мрежа, Светиот Отец повикува на молитва за хуманитарните работници кои даваат помош на настраданите во вооружените конфликти, ставајќи го во опасност сопствениот живот за да ги спасат животите на другите.
Тие се знак на надеж – со тие зборови папата Фрањо го опишува присуството на лекарите, болничарите и останатиот медицински персонал кои работат на подрачјата уништени од конфликтите, во видео пораката за молитвената накана за месец април, која ја објави Папската светска молитвена мрежа. Станува збор за мудри, храбри, добри луѓе, следејќи го својот повик работат во крајно опасни услови – истакна Папата. Да се молиме за лекарите и хуманитарните работници присутни во воените подрачја кои го ризикуваат сопствениот живот за да ги спасат животите на другите – предлага папата Фрањо.
Важноста за учествување во страдањето со другите
Папата Фрањо во 2016 година примајќи ги во Ватикан претставници на шпанските и латиноамериканските лекари додава дека работата на лекарите не се заснова само на науката и стручната способност, туку исто така и најмногу на неговото учествување во страдањето и милосрдниот однос кон оние кои трпат во телото и во душата. Сочувствителноста во одредена смисла е душата на медицината. Сочувствителноста не е страдање, туку таа значи сочувствување со состојбата на другите луѓе.
Конфликтите и хуманитарните кризи
Во овој момент во светот се водат повеќе од 20 вооружени конфликти од кои седум – според податоците на УНФЦР – предизвикале голем број жртви и бегалци. Станува збор за конфликтите во Јемен, Ирак, Сирија, Јужен Судан, Сомалија, Авганистан и Украина, а овде се уште и Демократска Република Конго и Централноафриканската Република во кои конфликтите постојано траат веќе со години. Токму вооружените конфликти се главните причинители на хуманитарните кризи во кои е голема потребата од лекари, болничари, акушерки, други медицински работници и помошен персонал.
Се проценува дека во светот живеат скоро 136 милиони луѓе на кои им е потребна хуманитарна помош. За оставрување на плановите за помош потребно е повеќе од 25 милијарди долари, а собрани се нешто повеќе од 15 милијарди што изнесува околу 60% од потребниот износ. Може да се каже дека станува збор за смешен износ во однос на 1739 милијарди долари општи воени трошоци во само една година, кои се трошат за набавка на оружје, тенкови и воени авиони. Освен тоа како што истакнуваат разни хуманитарни организации во денешните војни, болниците и здравствените центри не можат повеќе да се сметаат за безбедни места затоа што се бомбардираат како воени цели што е спротивно на Меѓународното хуманитарно право.
Да се даде сопствениот живот за другите – пат до светоста
Отец Фредерик Форнос меѓународен директор на Папската светска молитвена мрежа потсетува дека во вооружените конфликти цивилите се главните жртви заради тоа здравствените работници се многу важни. Тие спасуваат животи и го ублажуваат стрдањето во опасните ситуации – додава отец Форнос. Сепак тие луѓе често се напаѓаа не почитувајќи го Меѓународното хуманитарно право.
И папата Фрањо во својот Апостолски поттик „Gaudete et Exsultate“, истакнува дека давањето на сопствениот живот за другите е пат до светоста како што и минатата година на 27 јануари среќавајќи се со членовите на Италијанскиот Црвен крст истакна дека Добриот Самарјанец не го подложува ранетиот човек на некое превентивно испитување, не го суди и не ја подредува својата помош на моралните, а уште помалку на религиските предности.
Ватикан њуз/к.мк