Молитвена осмина за единство на христијаните
Од 18 до 25 јануари се одржува Светската молитвена осмина за единство на христијаните, со цел да се поттикне екуменската димезнија меѓу сите христијани.
Во оваа Јубилејна година на милосрдието молитвената осмина за единство на христијаните во целиот свет ќе се одвива под мото земено од Евангелието според Иван 4,7: „Дај ми да пијам“, а го одбраа христијаните од Бразил.
Христијаните овие денови ќе упатат молитва до Господ Исус, за да се воспостави повторно полно единство меѓу сите негови ученици. Молитвената осмина за единство на христијаните е одговор на Господовата молитва, кој на Последната вечера се молеше на Отецот: Но не се молам само за нив, туку и за оние, што по нивните зборови ќе поверуваат во Мене,. за да бидат сите едно, како што си Ти, Оче, во Мене, и Јас во Тебе; па така и тие да бидат во Нас едно, и да поверува светот дека Ти си Ме пратил (Иван 17,20-21).
Молејќи ја милоста за единство, христијаните се приклучуваат на Христовата молитва и одлучувааат да работат на тоа целото човештво да го прими и препознае Христос како единствен Пастир и единствен Господ и на тој начин да можат да ја вкусат радоста на неговата милосрдна љубов.
Како христијани сме повикани да го прифатиме и ние повикот на Црквата да молиме за единство на христијаните. Свети апостол Павле кој ја основал заедницата во Солун, многу добро знаел дека во таа заедницата има недоразбирања и несогасувања. Затоа повикува на трпение, никому да не се враќа зло за зло, а секогаш да се бара доброто еден на друг и секогаш да се задржи радоста. Токму овие совети на апостолот на народите денес се поттик и за нас христијаните како да се однесуваме во екуменските односи. Свети Павле најпрво вели: „Живејте во мир меѓу себе“, а потоа: „Молете се постојано и благодарете за сè“ (сп. 1 Солунјаните 5,13-18).
Мотото за ова година „Дај ми да пијам“ земено од Евангелието според Иван за нас христијаните во Македонија е од посебна важност. Имено „жеден сум“ е гласот на Исус кој нашата Мајка Тереза толку често го слушала. Својот живот го посвети „гасејќи“ ја Христовата жед помагајќи има на сите отфрлени и маргизнализирани. Нејзиното послание не познаваше никакви „граници“ и стереотипи. Таа едноставно со својот живот твореше единство меѓу луѓето.Тој Христов повик „жеден сум“ и денес е актуелен, бидејќи Христос е жеден за единство меѓу христијаните. Не смееме да останеме рамнодушни за „жедта“ Христова.
Зачетник на ова молитвено движење е американскиот англикански свештеник Паул Ватсон со својот соработник Спенсер Џонс. По негова инцијатива во 1908 година во рамките на американската Англиканска црква за прв пат е организирана молитвена осмина за единство на христијаните.
Папата Пиј X оваа иницијатива официјално ја одобри и препорача на сите католици и најмногу се прошири во Католичката црква.
Нов потик на целокупното екуменско движење, како и на молитвата за единство на хрстијаните е даден од Вториот ватикански собор (1962-1965), кој одново ги истакнува принципите на современото екуеменско движење. Меѓу другото посебно е нагласен духовниот екуменизам, односно преобраќање на срцето и светоста на животот, како и јавни, заеднички и лични молитви за единство. Поновите папски документи за екуменизмот посебно го препорачуваат одржувањето на молитвената осмина од 18-25 јануари како заедничка молитва со други христијани и можност за пријателски средби.
Пишува: о. Гоце Костов