Молитва за жртвите на војната во Мосул

Молитва за жртвите на војната во Мосул

Папата Фрањо се молеше за жртвите од војната и вооружените конфликти во Ирак и во целиот Блиски Исток на свеченоста во неделата на 7 март во Мосул на плоштадот Хош ал-Биеа или т.н. Плоштад на четирите Цркви, сиро-католичка, ерменско-православна, сириско-православна и халдејско – католичка.

Покрај молитвата за жртвите на војната Папата се молеше и за живот во мир и слога, подигнувајќи ја свеста дека во Божјите очи сите се браќа и сестри. „Денес и покрај сѐ го потврдуваме нашето уверување дека братството е посилно од братоубиството, дека надежта е посилна од смртта, дека мирот е посилен од војната,“ силно од плоштадот во Мосул порача поглаварот на Католичката Црква. „Ако Бог, е Бог на животот, а тоа и е, тогаш не е допуштено да се убиваат браќата и сестрите во негово име. Ако Бог е Бог на мирот, а тоа и е, тогаш не е допуштено да се војува во негово име. Ако е Бог, Бог на љубовта, тоа и е, тогаш не е допуштено да се мразат браќата и сестрите,“ рече Светиот Отец.

Забележа дека во Мосул премногу се видливи трагичните последици од војната и непријателствата. Рече дека е сурово што оваа земја која е колевка на цивилизацијата ја погоди таква нечовечка бура која уништи древни места за богослужба и насилно протера или уби илјадници луѓе – муслимани, христијани, Језиди и други.

После молитвата во Мосул, Папата замина во Каракош каде ќе се сретне со тамошната заедница и ќе ја предводи молитвата Ангел Господов.

Ика/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот