Милосрдниот Папа пак изненадува – млад затвореник доби писмо од Папата
Иако свесен дека папата Фрањо дневно добива по стотина писма од целиот свет, осумнаесетгодишниот затвореник од Лос Анџелес, Карлос Адријан Васкез не се обесхрабрил. Одлучил да му напише писмо на папата Фрањо, па што биде нека биде. И тогаш, по нешто повеќе од месец дена примил одговор од Ватикан.
„Драги Карлос, мирот на Исус Христос нека биде со тебе! Многу ми е мило што го примив твоето писмо…“, му одговорил папата Фрањо, поттикнувајќи го да го искористи милосрдното време на Јубилејот на милосрдието за средба со Исус во молитвата, преку читањето на Светото Писмо и примањето на светите Тајни, за да го прими дарот на опростувањето и да биде исполнет со мир и надеж.
„Знај дека Светиот Отец мисли на тебе и се моли за тебе. И те молам сети се да се помолиш и ти за мене, бидејќи твоите молитви навистина ми се потребни“, пишува папата Фрањо во писмото.
Одговорот на папата Фрањо на Карлос го остави без збор. Во разговор за CNN, осумнаесетгодишниот Карлос, осуден на 11 години затвор поради убиство, го изрази своето воодушевување и проговори за својот живот и преобраќање кое го доживеа во затворот за малолетници во Лос Анџелес.
„Не можев да поверувам ниту, пак бев помислил дека Папата ќе одговори на некого што е зад решетки. Тоа ми даде надеж, сепак, дека постојат луѓе како Папата. Такви кои не се откажуваат од нас. Знам дека направив грешки и повредив луѓе, но овие две години и пет месеци сфатив нешто што не го знаев: дека повредив луѓе, но и самиот себе, истакна Карлос, кој благодарение на писмото од Папата се откажал и од размислувањето за самоубиство. Писмото од папата Фрањо го поттикнал и да се обрати до семејството на жртвата.
„Ги замолив да ми опростат. Им реков дека никакви зборови нема да го вратат животот што го уништив, но дека се надевам дека еден ден, сепак ќе ми простат. Само барам простување и сакам да го живеам животот кој мојата жртва не може да го живее, колку и да бидам добар. Ако општеството не ми прости, знам дека Бог ќе ми прости“, истакна Карлос.
За промената на младиот човек проговори и затворскиот капелан отец Мајкл Кенеди, најдобриот сведок за „лудото однесување“ на Карлос по доаѓањето во затвор.
„Постојано правеше тепачки. За кратко време учествување во девет тепачки и постојано размислуваше за својата банда, се присетува отец Кенеди. Но, по изрекувањето на пресудата работите почнаа да се менуваат. Набљудувајќи ги родителите кои секоја недела доаѓале во посета и заедно со него ја проживуваа казната, „детето стана млад човек“, а голема улога одиграа и средбите со волонтерите и свештеникот.
По сѐ Карлос одлучи да му прати писмо на папата Фрањо, за кого многу често слушаше и читаше во весниците, а одговорот на Папата му даде вистинска надеж и сила за живот:
„Се гордеам, бидејќи тоа е Божја порака: дека сите сме луѓе. И тоа ми дава сила дека Бог сака да бидеме сите еднакви, како и дека сите ние правиме грешки, но дека можеме да се подигнеме и да продолжиме понатаму, пишува Карлос.
Битно нет/В.Н