Милосрдието да ги исполни срцата и да го промени животот

По литургијата служена по повод отворањето на вонредната Света година на милосрдието и отворањето на Светата врата, папата Фрањо напладне го молеше Ангел Господов од Апостолската палата.

Во краткото обраќање до присутните на плоштадот Свети Петар пред повеќе од 70.000 илјади верници, Папата ја објасни длабоката смисла на празникот Безгрешно зачнување на Богородица, кој Црквата го одбележува на 8 декември.

„Марија е првата спасена со бескрајното Божјо милосрдие, со што Бог сака да му го подари на секој маж и жена како прв плод на спасението“, рече Папата. „Затоа непорочна Дева Марија се претворила во икона на божественото милосрдие кое го победи гревот. Денес, на почетокот на јубилејот на милосрдието, и ние сакаме да погледнеме во оваа икона со доверлива љубов и примање на нејзиниот сјај, следејќи ја во верата. Со безгрешното зачнување на Богородица, ние сме поканети да ја препознаеме зората на еден нов свет, изменет од спасителното дело на Отецот и Синот, преку Светиот Дух. Зората на нова свест остварена преку Божјото милосрдие. Затоа Дева Марија, неизвалкана од гревот и секогаш исполнета со Бог е мајка на едно ново човештво“.

Прославата на овој празник содржи две работи, објасни Папата: „Целосното прифаќање на Бог и Неговата милосрдна благодат во нашиот живот. Втората работа е тоа дека се претворуваме во творци на милосрдието, преку Евангелието. Тогаш празникот Безгрешното зачнување станува празник за сите нас, ако успееме да го победиме нашиот егоизам и го направиме полесен животот на нашите браќа, давајќи им надеж која ќе им ги избрише солзите и дарувајќи им малку радост“. „Овој празник нѐ потсетува дека нашиот живот е дар и плод на милосрдието. Овој збор е синтеза на Евангелието и суштинска карактеристика на Христовиот лик кој го препознаваме во различни аспекти на неговото постоење: кога се среќава со сите, кога исцелува болни, седнува на маса со грешниците, но пред сè кога простува, прикован на крстот. Во ова го гледаме ликот на Божјото милосрдие“.

„Да не се плашиме и да се препуштиме да бидеме прегрнати од Божјото милосрдие кое нѐ очекува и простува сè – повика на крајот папата Фрањо. Нема ништо послатко од Неговото милосрдие. Да се препуштиме на милувањето со Неговите бакнежи, Господ простува сè. Ајде, преку небесното застапништвото на Дева Марија, милосрдието да ги исполни нашите срца и го промени нашиот живот“.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот