Преку размислувањата на папата Фрањо потсетуваме на значењето на празникот Блажена Дева Марија Мајка на Црквата кој од оваа година се вброен во римскиот календар.
Во римскиот календар од оваа година е запишан празникот Блажена Дева Марија Мајка на Црквата кој се слави на 21 мај. Според желбата на папата Фрањо тој празник се слави во понеделникот по Духовден, како што стои во документот „Ecclesia Mater“ на Конгрегацијата за богослужби и светотаинска дисциплина, од 11 февруари оваа година. Целта е – како што е истакнато во документот – да се поттикне уште повеќе мајчинското чувство на Црквата кај пастирите, кај Богoпосветените лица и кај верниците, како и на вистинска маријанска побожност.
Во домот на Марија
Побожноста на папата Фрањо кон Марија Мајка на Црквата не е нова; таа има длабоки корени и покажува јасен синовски став кон Девицата. Уште во текот на првото апостолско патување надвор од Италија кога во 2013 година замина за Бразил по повод Светскиот ден на мадите, во базиликата Нашата Пресвета Богорица од Апарецида Папата истакна дека Црквата кога го бара Христос секогаш чука на вратата на домот на Марија и бара: „Покажи ни го Исуса.“ Од Неа се учи како да се биде вистински ученик – рече Светиот Отец и додаде: Еве зошто Црквата оди во мисија секогаш по трагaта на Марија.
Марија модел на верата на Црквата
На Генералната аудиенција на 23 октомври истата година папата Фрањо размислуваше за Марија како модел на верата на Црквата во чиј центар е Христос, овоплотувањето на бесконечната Божја љубов. И сака на нас да ни го донесе големиот дар, Исус; и со Него ни ја носи неговата љубов, неговиот мир, неговата радост. Така Црквата е како Марија: Црквата не е некоја продавница, ниту хуманитарна агенција, Црквата не е невладина организација, Црквата е испратена на сите да го донесе Христос и неговото Евангелие; не се носи себе, дали е мала, голема, силна или слаба, Црквата го донесува Исус – рече Папата и истакна: Кога на пример би се случило Црквата да не го донесува Исус, таа би била мртва Црква! Црквата мора да ја донесува Исусовата љубов, Исусовото милосрдие.
Две жени мајки
За нашиот пат на верата, Папата зборуваше и по повод празникот света Марија Богорица кој се слави на 1 јануари. Така на тој ден во 2014 година истакна дека нашиот пат на верата е неразделиво поврзан со Марија од моментот кога Исус додека умираше на крстот ни ја даде за Мајка. Од тој момент Божјата Мајка стана и наша Мајка – истакна Папата.
Поздравувајќи ги пак младите од Римската бискупија кои на 28 јуни 2014 година се собраа пред Лурдската пештера во Ватикан, Светиот Отец им рече дека христијанинот без Пресвета Богородица е сираче. А тоа е и без Црквата. Тие се две мајки кои ги разврзуваат чворовите на нашиот живот и ги ги носат на Господ – истакна Папата во пладневниот наговор одржан на плоштадот Свети Петар на 1 јануари 2016 година. За тоа повеќе зборуваше во текот на светата Литургија која ја служеше во светилиштето Нашата Пресвета Богородица Фатимска во Португалија каде за светци ги прогласи блажените Фрањо и Јацинта Марто, по повод 100 годишнина од објавата на Блажена Дева Марија.
Безгрешно зачнување
На вообичаениот чин на почитување на Пресвета Богородица на Шпанскиот плоштад во Рим на празникот на Безгрешното зачнување на Блажена Дева Марија, на 8 декември минатата година, папата Фрањо се заблагодари на Пресвета Богородица за нејзината постојана придружба во одењето на семејствата, парохииите, монашките заедници, како и на сите вработени, болни, стари лица, сиромашни и голем број мигранти од земјите во кои владее војната и гладот.
Истиот ден се задржа пред иконата на Пресвета Богородица почитувана со името „Salus populi Romani“ (Спас на римскиот народ) во римската базилика Света Марија Велика. Во тоа прво богородично светилиште во Рим и во целиот запад, папата Фрањо често навратува, посебно по повод своите патувања, но и во други прилики.
Така последната недела од јануари оваа година кога во базиликата се славеше празникот на таа икона, Папата објасни дека во куќата во која се наоѓа Пресвета Богородица ѓаволот не влегува, немирот не преовладува и стравот не победува. Марија е онаква каква што ја сака својата Црква; да биде Мајка нежна, понизна, сиромашна со работи и богата со љубов, ослободена од гревот, соединета со Исус – истакна папата Фрањо.
РВ/к.мк