Лицата со инвалидитет се способни да го сведочат Христос

Папата Фрањо на 11 јуни 2016 година ги прими во аудиенција учесниците на средбата за лица со инвалидност што ја организираше Италијанската бискупска конференција по повод 25. годишнина од основањето на Одделот за катехизација на лицата со инвалидитет при Италјанската катехетска канцеларија.

Оваа средба докажува дека лицата со инвалидитет се способни да го живеат вистинското искуство на средбата со Христос и тоа да го сведочат на другите. Многу е направено во пасторалната грижа за лицата со инвалидитет, признавајќи ја нивната апостолска и мисионерска способност како и вредноста на нивното присуство како луѓе, како живи органи на Црковното тело. Во слабоста и кревкоста се кријат скапоценостите способни да ги обноват нашите христијански заедници – рече папата Фрањо.

Зборувајќи за црковната чувствителност кон лицата со инвалидитет, Папата рече дека нашите заедници сè уште се мачат околу вклучувањето, не прават доволно за учествувањето на лицата со инвалидитет во литургискиот живот да биде сосема природно. Тоа бара посебни техники и програми, но пред сè бара признавање и прифаќање на човекот како и уверување дека секој човек е уникатен и дека исклучувањето ја осиромашува заедницата – рече Папата.

Зборувајќи за одлучувачката улога на семејството во работата со лицата со инвалидитет истакнарече дека треба да се прифати семејството, да се поттикнува и охрабрува. Нека нашите христијански заедници бидат домови во кои секое страдање наоѓа сочувство, во кои секое семејство со својот товар од болката и уморот може да почувствува дека е сфатено и дека е почитувано нејзиното достоинство – поттикна папата Фрањо.

На патот на вклучувањето на лицата со инвалидитет важно место зазема нивното пристапување на светите Тајни. Ако ја признаеме посебноста и убавината на нивните искуства со Христос и Црквата тогаш мораме јасно да потврдиме дека тие лица се повикани за полнина во светотаинскиот живот исто така и во присуство на тешки психички пореметувања. Жално е да се забележи дека во некои случаи има сомнежи, отпор дури и одбивање. Одбивањето често се оправдува со зборовите: „И онака не сфаќа“ или „не му е потребно“. Таквото однесување покажува дека не е сфатена смислата на светите Тајни, а лицата со инвалидитет се одбиени за да го вкусат своето божествено посвојување и целосно учество во црковната заедница – рече Светиот Отец.

Светата Тајна е дар, а Литургијата е живот: пред разумски да се сфати таа бара да биде живеена во посебноста на личното и црковното искуство. Во таа смисла христијанската заедница е повикана да направи сè за да може секој крстен во светите Тајни да се соедини со Христос. Заедницата треба да се погрижи лицата со инвалидитет да можат да искусат дека Бог е наш Отец и дека нè љуби со едноставни и секојдневни гестови на љубов посебно ги љуби сиромашните и малите. Како што тврди Општиот директориј за катехеза: Љубовта на Отецот кон тие слаби деца и трајното присуство Исусово со неговиот Дух влеваат доверба дека секој човек колку и да е ограничен е спосебен да расте во светоста (бр. 189) – потсети Папата.

Важно е, продолжи Светиот Отец, да се биде внимателен на сместувањето и на вклучувањето на луѓето со инвалидитет во литургиското славење: присуството и придонесот во литургиското славење со пеење и други гестови со знаци го зацврстуваат чувството за припадност. Сите треба да се ослободат од предрасудата за исклучување и маргинализација, да се промовира ефикасно братство ценејќи ги различностите како вредност. Ви благодарам за сè што сте направиле овие 25 години заедницата да биде прифатлива и внимателна кон последните. Одете упорно напред со помош на Света Марија нашата Мајка. Се молам за вас и од срце ве благословувам, а ве молам и вие да се молите за мене – заврши папата Фрањо.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот