„Во кома го видов Падре Пио како стои од мојта десна страна, а од левата страна имаше три ангели. Еден со златни крилја и во бела туника, а двата имаа бели крилја и црвена туника. Падре Пио ми порача дека не треба да се плашам, бидејќи наскоро ќе бидам здрав. Всушност, мојот лек бил тоа што му се случило на Лазар.“
Матео Пио Колела имал само седум години кога му била дијагностицирана смртоносна болест. За лекарите бил изгубен случај, не му давале никакви шанси, но детето оздравело. Неговиот лек бил чудото кое во јуни 2002 година го отворил патот за канонизација на свети Падре Пио.
Матео, кој денес има 27 години, своето сведочење го раскажал во ексклузивно интервју за ACI Prensa, објавено непосредно пред светската премиера на филмот „Тајната на Падре Пио“. Филмот е во режија на Хозе Марија Завала, а во него, меѓу другото, се наоѓа сведоштвото на Матео.
„Не се чувствував добро. На мајка ми тој ден ѝ реков дека не сакам да одам на училиште. Таа ме принуди, бидејќи мислеше дека повторно се обидувам да се извлечам од наставата. Меѓутоа, уште истата вечер во креветот не ја препознав мајка ми кога дојде да ми посака добра ноќ. Веднаш ме однесоа во болница“ , се присети тој.
Во јануари 2000 година на Матео му бил дијагностициран акутен фулминантен менигитис предизвикан од бактерии. Болеста ги нападнала бубрезите и респираторниот систем што предизвикала засирување на крвта. Детето било задржано во болница која ја основал Падре Пио, сместена во Сан Џовани Ротондо, во градот каде се наоѓа светилиштето на Падре Пио.
Детето следниот ден завршило во кома. Неговата здравствена состојба драстично се влошила, па лекарите заклучиле дека тој е изгубен случај, прогнозирајќи му само неколку часови живот. Додека детето во болницата се борело за живот, неговата мајка Марија Луција на гробот на Падре Пио се молела за оздравување на нејзиниот син.
„Кога бев во кома го видов Падре Пио како стои од мојта десна страна, а од левата страна имаше три анѓели. Еден со златни крилја и во бела туника, а двата имаа бели крилја и црвена туника. Падре Пио ми рече дека не треба да се плашам бидејќи наскоро ќе бидам здрав. Всушност, мојот лек бил тоа што му се случило на Лазар“, сведочи Матео.
Лекарите подоцна потврдиле дека го прогласиле Матео за клинички мртов, но подоцна детето на чудесен начин се вратил во живот. Момчето денес е благодарен на светецот за неговото застапништво и го чувствува како дедо на кој секогаш може да смета.
„Секогаш мислев дека сум примил огромна милост на која мора да бидам благодарен. Кога разговарам со неверниците, секогаш им го кажувам фактот како сум сѐ уште овде. Науката не може да го објасни мојот живот, но постои едно друго објаснување кое е тешко да се разбере“, порачува Матео Пио Колела.
Битно.нет / Стефанија Ристова