Во саботата на 8 април 2017, со средба во 10.00 часот на Средно Водно, почна годинешниот Крстен пат на младите од Скопската парохија на планината Водно, планина која се издига над градот Скопје. На младите им се придружија и други верници од парохијата предводени од Sкопскиот бискуп и Aпостолски егзарх во Македонија монс. д-р Киро Стојанов.
Особено богатство претставуваше и учеството на млади од други држави кои по пат на размена моментно престојуваат во Македонија. Така по патеката на искачувањето помеѓу станиците на Крстниот пат одѕвонуваше Радувај се Маријо на македонски, хрватски, албански, полски и англиски, а годинешната интенција на Крстниот пат беше за мир во Македонија. Се сменуваа млади во молењето на Светата Бројаница, во носењето на крстот, читањето на содржините од Крстниот пат, исто како што се менуваа и глетките, онака како и во животот – на моменти со сенка прекриени патеки, на моменти пак со сончеви страни. Додека се размислуваше за четиринаесетте постојки од Крстниот пат, во срцето секој поединечно трагаше по ситуации на сопствениот живот во кои се огледуваат настаните од Исусовиот живот кои ќе се одбележат во Великата седмица. Иако искачувањето на Водно е подолго од Via Dolorosa заморот помалку се чувствуваше, а срцата беа целосно исполнети.
Со охрабрувачките и инспиративни завршни зборови на бискупот Стојанов, неизбежна заедничка фотографија пред Милениумскиот крст и топлиот пијалок дојде и разделбата, но само до следното заедничко одење и следната заедничка молитва. А дотогаш со посланието да се пренесува мир и надеж, кои на овој Крстен пат се запалија во секој учесник.
РВ/к.мк