Крстен пат за деца на ридот Самораница

Крстен пат за деца на ридот Самораница

На празникот Цветници, 1 април 2018 година во организација на парохијата „Свети Иван Крстител“ – Струмица на ридот Самораница над Струмица, по патеката која води до Спомен костурницата и Крстот се одржа традиционалниот Крстен пат за деца. Крстниот пат го предводеа децата од веронаучната група од парохијата, придружувани од нивните свештеници, о. Гоце Костов и о. Атанас Сирачев. На оваа побожност, која посебно се моли за време на Великиот пост, присуствуваа голем број верници, роднини и пријатели кои ги придружуваа децата во нивните молитви.

Крстниот пат започна на подножјето од патеката. Низ 14 постојки децата преку нивните молитви заедно со Исус го поминаа Крстниот пат, носејќи икони за постојките, кои ги изработија за време креативните работилници на веронауката. Со пристап својствен за децата овој Крстен пат поблиску го прилижи таинството на Христовото страдање. Оваа побожност заврши со молитва под Крстот на ридот, кој го закрилува градот Струмица: Исусе, еве нѐ на крајот од твојот Крстен пат, но на почетокот од нашиот животен пат. Повикуваш: „Пуштете ги малите при мене!“ Еве нѐ! Веруваме дека ќе нѐ водиш на нашиот животен Крстен пат. Ако залутаме, побарај нѐ, ако те заборавиме, ти не нѐ заборавај, ако умреме поради грев, оживеј нѐ со својата милост и оправдување. Сакаме да бидеме со тебе на небо. Ти благодариме што ни го отвори небото.

По завршувањето децата со пристуните верници се задржаа во заедништво и дружење на платото на Спомен костурницата.

Парохијата Свети Иван Крстител – Струмица секоја година организира Крстен пат за деца на отворено, додека во Црквата оваа година Крстниот пат во Великиот пост секоја среда се молеше за духовни завања. Во неделите пак од Великиот пост Крстниот пат во црквата се молеше за разни накани: за болните, за нероднените, за семејствата..

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот