Крстен Пат
За време на Великиот пост светата Црква од сè срце ни го препорачува молењето на Крстниот Пат. Побожноста Крстен пат, односно Исусовиот пат од судницата на Пилат до гробот, има долга традиција во Црквата. Оваа побожност своите корени ги влечи од Првата црква во Ерусалим. Првите христијани некои настани од животот на Исус ги одбележувале на местата каде се имаат случено тие настани. Така за нив било најнормално на Велики петок да се соберат на Голгота, на Воскресното утро околу гробот на Исус, и слични други работи кои ги правеле во спомен на Господ Исус Христос.
Најстаро сведоштво имаме од еден запис на поклоненичката во Еруслаим, Егерија од 4 век која ни опишува како во тоа време во Ерусалим се слави Исусовата мака. Велики петок бил ден на „патувачка молитва“. Во четврток навечер христијаните се собирале во салата на Последната вечера, а потоа и во Гетсеманската градина. Во петокот повторно во салата на Последната вечера (каде што се чувал столбот на кој Исус бил камшикуван), а потоа оделе на Голгота. Таму епископот изложувал реликвија од Светиот Крст, за да се поклонат верниците. На секоја постојка верниците читале делови од Светото писмо и пееле псалми.
Христијаните на други места сакале да го пресликаат она што се случувало во Ерусалим. Бидејќи не можеле да бидат на самото место, пополека започнало да се појавува побожност преку која верниците се спомнувале на маката на Господ Исус Христос преку одредени постојки, моменти од кој повеќето се базирани на евангелски записи (судењето, земањето на крстот, Симон Киренеец, средбата со жените, соблекувањето на облеката, распнувањето и смртта на крстот, симнувањето од крстот и погребувањето), а некои од нив се пренесени преку традициијата, односно преданието на Црквата (трите паѓање под крстот, средбата со Богородица, Вероника). Во суштина Крстниот пат е библиска побожност, која скоро целосно се базира на текстови од Евангелието.
Со тек на времето настанале и икони кои ги претставуваат одредените настани, а целиот Крстен Пат е поделен на 14 постојки. Во поново време некаде се додава и 15 постојка, Исусовото Воскресение.
Молејќи го Крстниот пат верниците подобро се запознаваат со таинството на маката и смртта на нашиот Господ Исус Христос, од судницата кај Пилат до Голгота, настојуваме да размислуваме за пораката на Исусовата мака и да ја вклопиме во својот секојдневен живот. Поради тоа Великиот пост скоро е незамислив без оваа прекрасна, старохристијанска и библиска побожност. Крутата вистина на Крстниот Пат во себе носи конечно поништување на таа стварност во Воскресението Христово, и сите тие драматични призори се усмерени кон Воскресението. Така ни станува јасно, дека сè се случува поради Воскресението, а со тоа и нашето христијанство и нашиот живот во заедништво со Христос.
Господ Бог нека се смилува на нашите молитви.
к.мк/Пишува: о. Гоце Костов
Поради актуелноста на Крстниот пат во времето на Великиот пост Католици.мк повторно го објавува овој текст, кој претходно беше објавен на 18 март 2013.