Иако Библијата изобилува со спомнувања на ангелите, ангелите чувари веројатно ни се најпознати. Кој од нас никогаш не го повикал својот ангел чувар? Но, дали навистина знаеме кои се тие?
Ангелите се Божји гласници. Тие припаѓаат на духовните суштества кои немаат телесно тело, но можат да им се појават на луѓето во облик сличен на човечкиот.
Многу уметнички ремек-дела се обиделе да го прикажат нивниот лик, често со голема убавина и сила. Такви се, на пример, познатите фрески на Џото, особено онаа што го прикажува Симнувањето на Христос од крстот, за кого ангелите тагуваат.
Ангелите чувари, секако, припаѓаат на оваа категорија небесни суштества. Но, иако се слични на другите ангели, тие се разликуваат по својата посебна мисија. Нивната задача е да ги штитат луѓето од многуте зла што ги демнат во земниот живот, како што ни кажува и самото нивно име.
Чувари на патиштата на животот
За подобро да ја разбереме оваа посебна улога на ангелите чувари, можеме повторно да го прочитаме Псалм 90.
„Зашто, ти, си Господи, надеж моја, Севишниот го избра за Свое прибежиште; 10. зло нема да Ти се случи, и невојла нема да Ти се приближи до телото Твое; 11. затоа што ќе им заповеда на ангелите Свои за Тебе, да Те чуваат на сите патишта Твои. 12. Ќе Те понесат на раце, да не ја сопнеш од камен ногата Своја“ – Псалм 90,9-12
Преку оваа заштитничка мисија, ангелите чувари се во првите редови на борбата против злото што им се заканува на верниците. На тоа нè потсетува и Исус во Евангелието.
„Гледајте да не презрете ниедно од овие мали, зашто ви велам дека нивните ангели на небесата постојано го гледаат лицето на Мојот Отец небесен.“- Матеј 18,10
Затоа не е чудно што Црквата нè учи да имаме доверба во ангелите чувари. Секој човек е придружуван од Божја грижа, а ангелот чувар е знак на таа близина и заштита.
Воден од Светиот Дух, нашиот ангел чувар нè штити од опасности и ни помага, ден по ден, да се свртуваме кон Господ, избегнувајќи ги замките на гревот.
На оваа заштитничка мисија потсети и папата Фрањо во една од меговите проповеди посветени на ангелите чувари.
„Ангелот е секојдневната врата кон надминувањето на земното, кон средбата со Отецот. Ангелот е оној што ми помага да го најдам патот, бидејќи тој гледа кон Отецот и го знае патот. Никогаш да не ги заборавиме овие придружници на патувањето.“ – Папа Фрањо, проповед во Санта Марта, 2 октомври 2018
Ангели заштитници, чувари и придружници, секогаш свртени кон Бога. Така подобро разбираме зошто овие небесни суштества ни се толку блиски и познати.
Празникот на ангелите чувари
Поради нивната важна и добронамерна заштитничка мисија, Црквата секоја година на 2 октомври ги слави светите ангели чувари.
Овој празник бил востановен од папата Павле V во 1608 година, а во 1670 година папата Климент X го проширил на целата Католичка црква.
Ангелите чувари, свртени кон Бога, имаат посебна мисија да ни помагаат нашите молитви да се издигнат кон Господ. Затоа секојдневно можеме да им се обратиме со молитва.
„Ангеле Божји, ти си мој чувар. Биди покрај мене во секој миг, ноќе и дење, вечер и утро. Биди ми потпора во текот на целиот мој живот. Чувај ме од секое зло и води ме кон вечниот живот. Амин.“
Интересно е што италијанскиот парламент во 2005 година го прогласи 2 октомври и за граѓански празник на бабите и дедовците, кои и самите, на некој начин, се ангели чувари на семејството.
На крајот, важно е да се избегне секое погрешно разбирање. Ангелите чувари не се предмет на обожавање, туку Божји слуги и наши придружници. Исто така, Црквата не охрабрува да им даваме имиња на ангелите чувари, освен на архангелите чии имиња се познати од Светото Писмо, Михаил, Рафаил и Гавриил.
Тие не нè заменуваат во нашиот однос со Бога, туку нè водат кон Него. Нивната присутност нè потсетува дека никогаш не сме сами на патот кон вечниот живот.
Алетеја/к.мк

