Клапата при хрватската воена морнарица Свети Јурај во скопската катедрала одржа концерт во чест на Мајка Тереза

Во рамките на Татковинската прослава „Денови на Света Мајка Тереза“ во петокот вечерта на 9 септември 2016 година во катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје настапи клапата при хрватската воена морнарица Свети Јурај. Настапот е реализиран под покровителство на претседателот на Република Хрватска Колинда Грабар Китаровиќ во соработка со Скопската бискупија и Хрватската амбасада во Република Македонија.

На почетокот на концертот скопскиот парох и декан дон Давор Топиќ ги поздрави и им посака добредојде на сите присутни и ја нагласи важноста на канонизацијата на Мајка Тереза за цел свет, а посебно за Македонија затоа што е охрабрување во сите тешкотии кои моментално ги доживуваме и меѓу нас создава посебно заедништво.

Потоа поздравен говор упати хрватскиот амбасадор г-ѓа Данијела Баришиќ која ја нагласи важноста на Хрватска и хрватските мисионери на животниот пат на света Мајка Тереза и изрази радост заради настапот на клапата Свети Јурај која со своето„a capela“ пеење го негува драгоценото хрватско културно наследство.

Потоа во преполната скопска катедрала одекнаа десет извонредни традиционални народни пејачикои изведоа неколку песни со верска содржина и неколку хрватски народни песни и обработки. Разновидноста на програмата и убавото пеење ја воодушевија публиката која некои песни ги придружуваше со ракоплескање, а кај некои организацискиот водач на клапата Марко Бралиќ присутните ги повика да се придружат на пеењето што резултираше со општо воодушевување кај сите присутни. Прекрасното поврзување на програмата на водителката г-ѓа Јадранка Чадиновска и коментарите од г. Бралиќ кои ги даваше помеѓу песните создадоа единствена уметничка вечер во чест на света Мајка Тереза.

Настанот заврши со зборовите на Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх монс. Киро Стојанов кој најпрво преку амбасадорката Баришиќ се заблагодари на претседателката на Република Хрватска Колинда Грабар Китаровиќ затоа што клапата Свети Јурај благодарение токму на неа дојде во Скопје. Посебно се заблагодари на клапата и им подари медалјон на Света Мајка Тереза и македонско вино.

к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Свет

За авторот