Квалитетното образование нѐ учи на критичко размислување

Квалитетното образование нѐ учи на критичко размислување

Неписменоста и немањето пристап до образованието се облици на сиромаштво и неправда – порача на Генералната аудиенција на 23 ноември 2016 година папата Фрањо во салата Павле VI.

Иако Јубилејната година заврши, Папата продолжи да размислува за милосрдието и утрово размислуваше за две духовни дела на милосрдието: тој што се двоуми советувај го на добро и неукиот поучи го на добро. Папата истакна дека овие две дела на милосрдието се меѓусебно поврзани и двете можат секојдневно да се практикуваат во нашите семејства и заедници. Светиот Отец смета дека неписменоста и недостатокот на образование е неправда која има влијание на самото достоинство на личноста, а без образование луѓето можат лесно да станат плен на искористување и разни облици на социјална катастрофа.

Црквата низ вековите чувствувала потреба да се вклучи во образованието затоа што нејзината задача за евангелизација вклучува и залагање околу враќањето на достоинството на оние најсиромашните – рече Папата и додаде дека постои долга листа на светци кои во различни времиња овозможувале пристап до образованието на оние во најнеповолна положба, знаејќи дека по тој пат би можеле да го надминат сиромаштвото и дискриминацијата. Тој ги повика присутните со аплауз да ги почестат сите оние христијани – лаици, монаси, монахињи и свештеници – кои ги дале своите животи за да ги образуваат, воспитуваат децата и младите. Образованието навистина е необичен облик на евангелизација – рече Светиот Отец.

Папата истакна дека доброто и квалитетното образование нѐ учи на критички начин на размислување за нас самите и за светот околу нас. Таквото размислување вклучува во себе и еден вид на сомнеж кој е добар за поставување прашања и проверка на постигнатите резултати, а има во предвид посигурно и поголемо спознание. Но, делото на милосрдие, тој што се двоуми советувај го на добро, не го опфаќа овој вид на сомнеж, туку има за цел да ја смири болката и страдањето кои произлегуваат од стравот и бедата кои се последица на сомнеж. Според тоа вистинско дело на милосрдие е да ги советуваш оние кои имаат сомнеж за смислата на животот или се разнишани во својата вера.

Сите имаме сомнежи – истакна Светиот Отец – и двоумења по прашања за верата, во онаа позитивна смисла, тие се знак дека сакаме подобро да го запознаеме и да бидеме поблиску до Бог и да го спознаеме таинството на негововата љубов кон нас. Преиспитувањето на верата може да нѐ доведе до подлабоко ниво на сфаќање, но сомнежите мораме да ги надминеме. Заради тоа е важно да го слушаме Божјото Слово и да разбереме што нѐ учи – смета Папата. Папата истакна дека нашата вера не е некоја апстрактна теорија во која се множат сомнежите, туку ние сакаме да ја живееме нашата вера: Се трудиме да им служиме на браќата посебно на оние на кои тоа им е најпотребно. Така многу сомнежи ќе исчезнат затоа што ќе го почувствуваме Божјото присуство и вистината за Евангелието во љубовта која без наша заслуга престојува во нас, а ние ја делиме со другите.

Овие две духовни дела на милосрдието не се далеку од нашите животи – продолжи Папата – секој може да ги прави. Најдлабоката наука која можеме да ја проследиме на другите е љубовта Божја – голема, бесплатна љубов. И Бог никогаш не ја поништува својата љубов – истакна Папата. На крајот папата Фрањо порача дека сите сме повикани да се поддржуваме едни со други со своето сведоштво на живата вера и великодушната грижа затоа што тие се знаци на Божјата љубов која дава смисла и цел на нашите животи.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот