Качија: Здравството и образованието напредуваат кога се засноваат врз достоинството на човечката личност, а не врз идеолошки агенди

Качија: Здравството и образованието напредуваат кога се засноваат врз достоинството на човечката личност, а не врз идеолошки агенди

Постојаниот набљудувач на Светиот Престол при Обединетите нации во Њујорк, надбискуп Габриеле Качија, одржа две обраќања на Политичкиот форум на високо ниво за одржлив развој, истакнувајќи дека се потребни интегрирани политики кои ќе ја промовираат родовата еднаквост и достоинствената еманципација на жените.

Целта за постигнување на здравје и целосна благосостојба за сите, како и промовирањето на еднаквоста меѓу мажите и жените, според Светиот Престол, бара пристап кој е фокусиран на човечката личност и меѓучовечките односи, а не на идеолошки агенди. Тоа го подвлече надбискупот Качија за време на сесиите на форумот, одржани на 14 и 15 јули, посветени на Целите за одржлив развој (ЦОР).

Правото на здравје – интегрален дел од човечкиот развој

Во своето излагање за правото на здравје, надбискупот потсети дека здравјето не се сведува само на отсуство на болест, туку претставува севкупна состојба на физичка, психичка, социјална, духовна и емоционална благосостојба. Тој истакна дека ова право е суштински дел од интегралниот развој на човекот. Сепак, додаде дека напредокот во исполнувањето на Целите за одржлив развој во оваа област е нерамномерен и отежнат.

„Нееднаквостите остануваат длабоки“, рече тој. „Милиони луѓе сè уште се лишени од основна здравствена заштита, стапките на мајчинска смртност остануваат високи, а менталната болка и страдањето премногу често остануваат скриени и занемарени“.

За надминување на овие предизвици, потребни се координирани и интегрирани политики кои ќе ја препознаат меѓузависноста меѓу здравјето и другите области – како што се борбата против сиромаштијата, подобрувањето на исхраната, пристапот до образование, безбедна вода и санитарни услови, како и соодветно финансирање за развој.

Особено внимание, нагласи Качија, мора да се посвети на најранливите членови на човечкото семејство: неродените, децата, старите лица, лицата со попреченост, мигрантите и оние кои живеат во зони зафатени од вооружени конфликти.

Човечкото достоинство и значењето на семејството

Во второто излагање, надбискупот Качија се осврна на човечкото достоинство, повикувајќи се на неодамнешната Декларација на Дикастеријата за наука на верата – Dignitas infinita, која потврдува дека достоинството на секој човек е еднакво, непроменливо и неотуѓиво.

„Промоцијата на еднаквоста бара повеќе од формално признавање“, нагласи тој. „Потребни се реални услови што овозможуваат интегрален развој на жените: пристап до квалитетно образование, здравствена заштита, достоинствена работа и целосно учество во јавниот живот“.

Воедно, тој предупреди на опасностите од индивидуалистичко и утилитаристичко толкување на улогата на жената: „Жените не смеат да бидат сведени на средства за економски или политички цели“.

Наспроти тоа, подвлече тој, потребно е да се нагласи комплементарноста меѓу мажите и жените, при што семејството останува првобитното и природно место на меѓучовечките односи.

„Затоа, родовите политики треба да го поддржат и заштитат семејството, мајчинството и родителството – заедно со промоцијата на еднаквоста – како суштински услов за општествена правда и вистинска еманципација“, заклучи надбискупот Качија.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Вести, Свет

За авторот