Католикиња го запали олимпискиот пламен на Зимските олимписки игри

Католикиња го запали олимпискиот пламен на Зимските олимписки игри

Златната јужнокорејска лизгачка Ким Јунa секоја прилика ја користи за сведочење на верата во Христос!

На 9 февруари 2018 година во Јужна Кореа свечено се отворени Зимските олимписки игри, а олимпијскиот пламен го запали златната олимпијка Јуна Ким. Оваа јужнокорејска лизгачка на светската сцена стапува во Ванкувер во 2010 година, каде започнувајќи го својот прв олимписки настап во знакот на крстот, освојува златен медал.

Ким Јуна е практична католикиња која, како што и самата вели, отсекогаш сакала да го пренесува Христовото светло сведочејќи ја својата католичка вера на меѓународните натпревари и настапи. Заедно со јужнокорејските епископи Јуна се вклучила и во националната кампања за молитва на Светата Бројаница, а многу гледачи во текот на нејзиниот настап во Сочи за нејзиниот прстен Бројаница мислеле дека е веренички прстен.

Заедно со својата мајка, Јуна во 2008 година е крстена во Католичката црква. Тоа било последица на преобраќањето кое започнало на средбата со локалните чесни сестри, но и со разговорите со нејзиниот лекар – католик – кој го лечел нејзиното колено. На крштението го земала името Стела, во чест на Марија – Ѕвезда на морето (Stella maris), па ветила на Бог дека „секогаш ќе моли“, а посебно во пресрет на големите натпревари.

Својата вера Јуна ја потврдува и со бројните каритативни активности, волонтирајќи и донирајќи средства за католичките болници, факултети и останатите католички организации, а благодарение на нејзините донации, салезијанците во Јужен Судан отвориле католички училишта.

„Почувствував потреба да им помогнам на тие деца и да ги поддржам колку што можам“, рече за корејските медиуми после враќањето од Африка во 2011 година.

Приказната за преобраќањето на Јуна Ким е еден од бројните примери кои потврдуваат дека во Јужна Кореа последните години се случува процвет на христијанството. Од педесет милиони население, скоро 30 % се декларираат како христијани, додека пред 50 години биле само 5 %. Во главниот град Сеул живеат речиси 40 % христијани. Католичката Црква во Јужна Кореа води 328 училишта, 40 болници, 513 куќи за стари и инвалиди, како и 277 сиропиталишта и детски градинки, а жарот на сведочењето на верниците привлекува сѐ повеќе и повеќе Јужнокорејци.

Битно.нет/к.мк

Категорија: Вера, Сведоштва

За авторот