Меѓународниот Каритас на 16 јули одржа видеоконференција „Каритас, глас на нечујните – поглед на иднината во светот после пандемијата на Ковид-19
По повод објавувањето на Годишниот извештај за 2019 Меѓународниот Каритас одржа конференција на која главни соговорници беа претседателот и генералниот секретар на Меѓународниот Каритас, кардинал Луис Антонио Тагле и Алојзиус Џон.
Гости говорници беа претседателот на Јужноафриканскиот Каритас кардинал Вилфрид Фокс Напиер и директорката на Либанскиот Каритас Рита Рајем.
На конференцијата беше направен осврт на моменталната ситуација предизвикана со пандемијата на коронавирусот. Исто така беше свртено внимание на последиците од економските санкции на блискоисточните земји. Упатен е и повик за простување на меѓународните долгови на сиромашните земји.
Кардинал Тагле упати порака на надеж. Исто така повика на глобално примирје како и на опрост на меѓународните долгови на најсиромашните земји. Тој предлог ќе биде упатен и на министрите за финансии на групата Г20. Истакна како со опростот на долгови можат да се спасат милиони животи.
Алојзиус Џон, ги истакна жените, децата и старите како најранлива категорија кои се веќе „тешко загрозени од војни, тензии, фундаментализам, а сега и со Ковид-19“. Предупреди како „санкциите создаваат плодно тло за тероризам“, додека луѓето бегаат од таква ситуации, па незаконски емигрираат во соседни земји и Европа“. На крајот од излагањето заклучи дека „борбата против гладта, сиромаштвото и неправдата е клучна цел за постигнување на благосостојба на најранливите и зачувување на нивното достоинство“.
Кардинал Напиер како еден од главните проблеми кој се открива во време на пандемијата го истакна политичкиот однос помеѓу африканските земји и меѓународната заедница. „Во повеќето случаи односите мутираа од колонијална окупација и контрола до привидна слобода која ја карактеризира скоро потполна зависност од поранешните окупатори“.
Осврнувајќи се на она што Каритас и Црквата можат да го направат во борбата против Ковид-19 и неговите последици, кардиналот нагласи дека е потребна „глобализација на солидарност“, на што повика своевремено свети Иван Павле II.
Директорката на Либанскиот каритас Рита Рајем рече дека Либан се соочува со најлошата економска ситуација во историјата; многу луѓе се невработени и се на работ на сиромаштвото. Истакна дека кризата е предизвикана од серија чинители додека поголемиот дел на меѓународоната заедница молчи. „Помошта е поврзана со реформи кои е тешко да се постигнат или бараат време, а во меѓувреме Либанците плаќаат висока цена. Бегалците и мигрантите страдаат“. Наведе дека 60% од средствата од фондот за итна помош е доделено за бегалците од Сирија.
Нагласи дека присутноста на Каритас е „повик до меѓународната заедница да гледа подалеку од економската криза и да погледне на хуманитарната криза“.
„Последните месеци беа предизвикувачки за Либанскиот Каритас“, истакна, па додаде дека се поделени илјадници пакети со храна и топли оброци. Напомена дека е сѐ потешко да се дојде до храна, а недостасува и медицинска опрема. „За жал, се бориме против две пандемии: пандемија на коронавирус и пандемија на глад. Ковид-19 не е наш приоритет“ – истакна. На крајот нагласи дека „многу луѓе ја менуваат својата облека и обувки за храна“.
Генералниот секретар Џон наведе конкретни потези на Каритас во борбата против пандемијата. „Меѓународниот Каритас од почетокот се подготвува за одговор на Ковид-19“, па додаде дека со Дикастеријата за промовирање на интегралниот човечки развој се наоѓа на првата линија на одбраната.
Заедно финансираат 25 проекти со кои сакаат да го направат првиот гест на солидарност спрема најранливите. Преку тие проекти помагаат 7,5 милиони луѓе во 25 земји. Со тоа обезбедуваат храна и основни намирници за достоинствен живот што го истакна папата Фрањо.
Додаде како останатите организации на Каритас од целиот свет помогнале со 12 милиони евра преку разни програми 15-16 милиони луѓе. Како примери ги наведе помошта на Рохинџа во Бангладеш, населението во Бразил и Венецуела како и во централна Африка.
Ватикан њуз/к.мк