Пет годишнината од протерувањето на христијаните од Долината Нинивија, во Ирак наврши на 6 август. Во тоа време, вооружените сили на самопрогласената Исламска држава принудија повеќе од 120.000 христијани да ги напуштат своите домови.
Бавното враќање започна во есента 2017 година, по поразот на Калифатот, а во моментов повеќе од 46% од семејствата од тој крај се вратија во своите домови, додека во исто време, се остваруваат проекти за обнова на селата, кои ги води Папската фондација „Помош на Црквата во неволја“.
Покомплицирана е ситуацијата во Мосул, каде се вратија само неколку десетици христијани, од вкупно 15.000 кои го напуштија овој втор по големина град во Ирак. Работите во Мосул сè уште не се започнати, бидејќи недостасува стабилна локална управа. Меѓународните невладини организации и организациите кои се поврзани со црквата не можат да започнат со проектите затоа што недостасува безбедност, а ресурсите се намалуваат, рече парохот од епархијата Амадија, Самир Јусеф, кој се грижи за илјадници христијани, муслимани и Јазиди кои избегале од Мосул и Долината Нинивија во 2014 година.
Кардиналот Фернадно Филони, префект на Конгрегацијата за евангелизација на народите, кој беше апостолски нунциј во Ирак и Јордан од 2001 до 2006 година, за Радио Ватикан изјави дека Ирак се обидува да даде политичко решение, а потоа и законодавно. Сегашниот калдејски патријарх, исто така, бара начин за да бидат загарантирани сите права на христијаните. Имено, секое, малцинство и мнозинство, имаат право да живеат во својата земја и да им се гарантирани нивните граѓански и верски права и слободи. Мирот е она за што сите се надеваме, рече кардиналот Филони. Ова не се однесува само на денешната ситуација, односно на односите помеѓу христијаните и муслиманите, односно односите меѓу мнозинството и малцинството. Христијаните отсекогаш биле ценети, кога бев нунциj,но и во многу други периоди, како фактор за напредок во ирачкото општество, затоа што тие претставуваат алтернатива, која во спротивно би била копија на типична исламска визија. Христијаните се богатство затоа што на крајот ги бранат правата на сите. Иако ирачките христијани биле прогонувани на различни начини и во различни периоди, тие секогаш биле многу отворени за простување, помирување и соживот.
Враќањето е многу бавно. Доколку нема национални и меѓународни правни гаранции за нивниот достоинствен и слободен живот, тешко ќе се вратат. Обновата е поврзана со многу христијански, католички и меѓународни организации, но проектите подразбираат многу проблеми. Куќа, зграда, плоштад може да се реконструираат, но дали може да се обноват луѓето што живееле таму пред неколку години? Работите не можат да се вратат какви што биле во минатото, но сигурно има нешто што треба да се врати затоа што нашите христијани генерално беа поврзани за земјата, но мора да имаат граѓански, национални и меѓународни услови. Да се спасат луѓето е да се спаси историјата, културата, заедницата и општеството, рече кардиналот Филони.