Кардинал Сандри: Да ѝ помогнеме на Светата Земја со сите нејзините предизвици

На Велики Петок, како што веќе е традиција, во сите цркви во светот се собираат прилози за Светата Земја. Што тоа значи за подрачјето на блискоисточното христијанство, објасни во писмото – апел кардинал Леонардо Сандри, префект на Конгрегацијата за Источни Цркви.

Крстот и воскресението, таинството на страдањето и откупувањето се центарот на Страсната седмица и пасхалното тродневие, а во Светата Земја го имаат и своето физичко место – со тие зборови кардинал Леонардо Сандри, префект на Конгрегацијата за Источни Цркви го започнува писмото во кое повикува на собирање милостина „pro Terra Sancta“, за Светата земја, акција која на поттик од папата Павле VI се спроведува на Велики Петок во сите цркви во светот.

Собирањето спаѓа во активностите кои ги води фрањевската Кустодија на Светата Земја, наменето за зачувување и оживување на христијанските места во Исусовата земја и на целиот Блиски Исток. На мисијата на фрањевците се довери поддршката и развојот на христијанското малцинство, вреднувањето на археолошките наоѓалишта и светилишта, интервенциите во итни случаи, и литургијата на богослужбените места, апостолското делување и помош на поклониците. (…)

Префектот на Конгрегацијата за Источни Цркви во писмото истакнува дека христијанската заедница во Светата Земја секогаш е во срцето на општата Црква и на Папите. Таа милостина речиси е „возвраќање“ за она што Црквата го примила од Ерусалим односно дарот на Евангелието и спасението во Исус Христос. И токму свеста за примениот дар поттикнува на радосно и великодушно дарување – истакнува кардинал Сандри.

Кардиналот потоа ги спомна бројните искушенија на Црквата која живее во Светата Земја и на целиот Блиски Исток и кои ги поднесе во минатото, а кои уште ги поднесува и во сегашноста. Трагедијата на постојаното прогресивно намалување на бројот на локални верници, може да доведе до потполно исчезнување на некои христијански традиции кои потекнуваат од првите векови.

Долгите и мачни војни – истакна кардиналот – предизвикуваа и понатаму предизвикуваат, милиони бегалци и силно влијаат на иднината на цели поколенија кои се лишени од најосновните права како што е правото на мирно детство, редовно школување, младост посветена на барање работа, основање на семејство, откривањето на сопствениот повик, ефикасен и достоен живот на зрели луѓе и мирна старост.

Во тој тежок контекст Црквата продолжува да работи за зачувување на христијанското присуство и за да го даде гласот на тие кои го немаат – истакна кардиналот. (…) Освен тоа, Црквата е подготвена исто така да понуди стан на младите кои сакаат да основат семејство, како и можност за работа. Меѓу останатото Црквата успева да се погрижи за материјалната и конкретна помош таму каде се појавуваат облици на ендемско сиромаштво, како и за санитарните потреби и хуманитарните кризи поврзани со протокот на бегалци и мигранти, странски работници.

На крајот кардинал Сандри ја истакува важноста за собирање милостина „pro Terra Sancta“ за грижа за светилиштата, за – како што објаснува, тие да го сочуваат споменот на божествената објава, таинството на овоплотувањето, и освен фактот што локалната христијанска заедница на тие места ги пронаоѓа темелите на сопствениот идентитет, многумина пронаоѓаат и вработување со  прифаќањето на поклониците.

Ватикан њуз/к.мк

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот