Кардинал Паролин: Од Кореја Папата ќе се обрати на целиот континент

Папата Фрањо на 13 август во 16.00 часот ќе тргне од римскиот аеродром Фиумичино на Апостолско патување во Кореја кое ќе му биде трето меѓународно патување во неговиот понтификат. Еден од главните настани на таа посета која ќе заврши на 18 август ќе биде средбата со младите собрани на Денот на азиските млади.

За важноста на тоа патување за Ватиканскиот телевизиски центар зборуваше Папскиот државен секретар кардинал Пиетро Паролин и истакна дека тоа е поврзано главно со три факти: првиот е фактот дека Папата прв пат оди на Далечниот Исток, на тој дел на светот кој добива сѐ поголема важност во светската политика и економија. Но, Папата оди таму за да му се обрати на целиот континент, не само на Кореја. Иако патува во Кореја, таа посета се однесува на сите земји на тој континент и тоа благодарение на Денот на азиските млади, кој се одржува во Кореја и на кој ќе учествуваат претставници на млади од блиските земји. Третиот аспект е иднината; младите претставуваат иднина и затоа Папата се обраќа на иднината на тој континент – напомена кардиналот.

Осврнувајќи се на средбата на Папата со младите, кардиналот Паролин рече дека пораката на Светиот Отец на тие млади веројатно ќе биде дека треба да станат протагонисти во животот на Црквата. Тоа значи дека е потребна нивната активна присутност, нивното учество, присуството кое го прават соработката и соодговорноста. Младите и се потребни на Црквата, на тоа нѐ потсетуваше свети Иван Павле II, а на тоа денес нѐ потсетува и папата Фрањо – рече кардиналот и истакна дека младите треба да станат евангелизатори на своите врсници; тоа е главниот повик. Освен тоа – додаде – Папата ќе инсистира на тоа да не дозволат да ги заслепат краткотрајните вредности на нашите општества и нашиот начин на живот и во Исус да го пронајдат вистинскиот одговор на своите прашања и своите грижи.

Папскиот државен секретар потоа ја спомна другата важна причина заради која папата Фрањо оди во Кореја, а тоа е беатификацијата на 124 корејски маченици и истакна дека е важно да се спомне дека во таа група на маченици има само еден свештеник. Сите други се лаици кои биле со различни професии, од најпонижените до оние најголемите на општетствената листа. Тоа ни го покажува едно од обележјата на Црквата во Кореја односно фактот дека станува збор за Црква настаната од сведоштвото и заземањето на лаиците кои знаеле да ја зачуваат и пренесат верата – рече кардиналот и истакна дека тоа е важна порака: дека сите сме повикани да учествуваме во посланието на навестувањето на Евангелието и дека сите сме повикани на светост која може да се изрази на разни начини, но која треба да е обележена со заземањето на секој поединец.

На новинарска забелешка дека Папата својата посета во Кореја, за која епископите велат дека е „последната жртва на студената војна“ ќе заврши со Литургија и помирување и на прашање дали тоа патување може да отвори нови патишта на дијалог помеѓу водачите на двете Кореи и да им пружи надеж на католиците во Северна Кореја, кардиналот Паролин рече дека тоа отсекогаш била голема надеж на Светиот Престол за што и конкретно се зазема во тој правец.

Нормално е тврдењето дека на тој полуостров сѐ уште владее напнатост и дека му е потребен мир и помирување – рече Папскиот државен секретар. Мислам дека патувањето на Папата ќе помогне и во таа смисла односно ќе се продолжи делото на солидарност кон народот кој е во неволја, во потреба и во можна мера да се поддржи отворање на простор за комуникација и дијалог, бидејќи јас верувам – рече кардиналот – а тоа е и уверувањето на Папата кое повеќе пати го истакна дека проблемите кои постојат можат да се решат само по пат на комуникација и низ дијалог; и ако постои добра волја кај сите луѓе, патиштата за тоа секогаш се пронаоѓаат – истакна кардинал Паролин.

РВ/Д.И.

ж

Категорија: Ватикан

За авторот