Кардинал Паролин посети логор за бегалци во Јужен Судан

Кардинал Паролин посети логор за бегалци во Јужен Судан

Државниот секретар на Папата, кардиналот Пиетро Паролин, го посети логорот за бегалци во државата Унити, Јужен Судан, на „периферијата од периферијата“.

Посетата на бегалскиот камп Бентиу беше како удар во стомак. Да ги ставиме рацете на нашите срца, бидејќи не може да се прифати во денешниот свет луѓе да живеат во такви услови – рече државниот секретар на Папата, кардиналот Пиетро Паролин, по враќањето во главниот град на Јужен Судан, Џуба, на крајот од денот кој го помина во кампот за раселени лица Бентиу, недалеку од истоимениот град во сојузната држава Унити, на северот од земјата.

Станува збор бегалци од граѓанската војна во 2013 година, која избувна само две години по независноста на Јужен Судан, а која траеше до 2020 година. Потпретседателот Риек Мачар, еден од протагонистите на конфликтот против претседателот Салах Кир, е роден токму во сојузната држава Унити, и тоа е едно од местата на најжестоките борби, кои предизвикаа импресивен број раселени лица. Со текот на времето, особено од 2019 година, им се придружија и оние кои ги напуштија своите домови поради поплавите од 2021 година, кои беа меѓу најлошите што земјата ги доживеа во последните години. Рекордна количина на дожд ја поплави целата територија, оневозможувајќи им на жителите да живеат, да ја обработуваат земјата и предизвика загуба на стотици илјади грла говеда.

Целосно уништена земја

Сè од кое зависи опстанокот на заедницата е уништено, има страшно ниво на глад, а панорамата што се отвора пред очите на оние што доаѓаат во кампот, како пред очите на државниот секретар кардинал Паролин, беше панорама на опустошена земја, во голем дел поплавена, која има 150.000 раселени луѓе, принудени да живеат во незамисливи санитарни услови, без чиста вода, со отворени одводи и со постојани епидемии, од хепатитис до маларија, колера, која повремено, дури и во последните недели ја има, а потоа се шири во другите јужносудански сојузни држави.

Папата е близок со тој Божји народ

Ние сме на периферијата на периферијата – рече кардиналот Паролин, осудувајќи ги условите за живот на оние кои го немаат ниту најосновниот минимум за да преживеат; без меѓународната помош на Обединетите нации немаше да има надеж. Овие луѓе сакаа да живеат достоинствен живот, воспитувајќи ги своите деца, но две катастрофи – едната човечка, војната, а другата природна, дождовите – им го направија животот ранлив, а ситуацијата се влошува – објасни монс. Стивен Ниодхо Адор Мајвок, бискуп на бискупијата Малакал, која спаѓа во Бентиу, каде што е логорот за бегалци.

Населението е младо; Имено, 90% од луѓето се помлади од 40 години, има многу деца, а за нив нема училиште; каква ќе биде иднината? – праша бискупот, за кого доаѓањето на кардиналот Паролин беше прекрасен, историски момент за Малакалската бискупија. Дојде да го заштити нашиот народ – додаде тој. Тоа е незаборавен ден за жителите на државата Унити и Бентиу, кој – според бискупот – ќе ја зајакне вербата во Црквата на тие луѓе, погодени од суровост, војна и природни катастрофи. Присуството на кардиналот Паролин ја претставува блискоста на Папата со тој Божји народ – истакна на крајот бискупот Мајвок.

Ватикан њуз/к.мк

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот