Кардинал Паролин: Папата Лав продолжува по својот пат и проповеда мир

Кардинал Паролин: Папата Лав продолжува по својот пат и проповеда мир

На маргините од прославата по повод 70-годишнината од „Каса Солиево дела Соференца“ во Сан Џовани Ротондо, ватиканскиот државен секретар, кардиналот Пјетро Паролин, одговори на прашањата на новинарите во врска со денешните изјави на американскиот претседател Доналд Трамп за папата Лав XIV. „Папата веќе одговори, и тоа беше многу христијански одговор. Тој го прави она што го бара неговата служба“, рече кардиналот.

„Папата продолжува по својот пат, во смисла на навестување на Евангелието и проповедање на мирот, како што би рекол свети Павле, opportune et importune, односно во погодно и во непогодно време.“

Ова го изјави ватиканскиот државен секретар, кардиналот Пјетро Паролин, на маргините од прославата по повод 70-годишнината од „Каса Солиево дела Соференца“, болницата во Сан Џовани Ротондо, основана во 1956 година од свети Падре Пио, познатиот капуцински монах и мистик. Денес болницата е една од најголемите во јужна Италија и е позната по своите центри за нега, истражување и лекување.

Кардиналот одговараше на прашањата на новинарите за новите критики на американскиот претседател Доналд Трамп кон папата Лав XIV, само три дена пред аудиенцијата во Ватикан со американскиот државен секретар Марко Рубио.

„И пред овие нови напади, не знам дали Папата ќе има можност да одговори“, рече кардиналот. Тој потсети дека претходните коментари на Папата биле дадени за време на средбата со новинарите во папскиот авион, при апостолското патување во Африка, и нагласи дека неговата порака „останува иста“.

„Папата веќе одговори, јас не би додал ништо“, рече државниот секретар, повторно истакнувајќи дека одговорот на папата Лав XIV бил „многу, многу христијански одговор“. Според него, Папата „го прави она што го бара неговата служба, а тоа е да проповеда мир. Дали тоа некому му е пријатно или не, тоа е друго прашање“, нагласи кардиналот Паролин.

„Разбираме дека сите не се на иста страна. Но, тоа е одговорот на Папата“, додаде тој.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот