Кардинал Паролин: Употребата на НАТО оружјето за цели во Русија e „загрижувачка перспектива“
По повод презентацијата на книгата за Бернардино Ногара во Милано, државниот секретар на Папата одговора на прашањата на новинарите за можноста за употреба на западно оружје на руска територија: „Вознемирувачка перспектива која треба да го загрижи секој кој се грижи за судбината на светот“. Кардиналот го потврди хуманитарнoто ангажирање на Светиот Престол за враќање на украинските деца.
Како што во Европа расте списокот на земји кои ја укинуваат забраната за употреба на оружје на НАТО на руска територија, државниот секретар на Светиот Престол кардинал Пјетро Паролин зборува за „вознемирувачка перспектива“. Да и се дозволи на украинската армија да користи оружје испорачано од западните земји за напади во Русија – можност која е во центарот на неформалниот дводневен самит на министрите за надворешни работи што започна во Прага – ќе доведе до ескалација што никој повеќе не може да ја контролира – изјави во Милано, на 30 мај 2024 година државниот секретар Паролин по повод презентацијата на книгата за Бернардино Ногара, италијанскиот банкар кој го основа ИОР, насловена „Во служба на Италија и Папата“, уредена од Анџело Калека.
Тоа е навистина вознемирувачка перспектива – рече кардиналот, не криејќи ја својата загриженост за овие можни сценарија; исто така треба – додаде тој – да го загрижува секој човек кој се грижи за судбината на нашиот свет.
Хуманитарно ангажирање за враќање на украинските деца
Што се однесува до Светиот Престол, во контекст на украинскиот конфликт, продолжува да се залага на хуманитарно ниво, посебно – како што рече во разговор со новинарите кардиналот Паролин – во врска со враќањето во татковината на насилно земените украински деца. Процесот започна минатата година со посетата на кардиналот Матео Марија Зупи, претседател на Италијанската бискупска конференција, на Киев и Москва и продолжува, не толку брзо, но дава плод. Работиме во овие подрачја, нема други подрачја – истакна кардиналот.
Европските избори
Одговарајќи на прашања за следните европски избори, државниот секретар посочи дека ставот на Црквата никогаш не е партизиран и дека – како што рече – не можеме да се изјасниме за или против едното или другото. Сепак, тој истакна дека е важно да се учествува, да се даде гласот, бидејќи тоа значи остварување и спроведување на демократијата. Во исто време, неопходно е да се земат предвид вредностите на кандидатите, кои се блиски, слични на католичката чувствителност. Би рекол дека тоа се принципите до кои треба да се придржуваме – рече кардиналот.
Ватикан њуз/к.мк