Кардинал Паролин: „Повеќе не се почитува хуманитарното право“

Кардинал Паролин: „Повеќе не се почитува хуманитарното право“

На маргините на конференцијата во Аугустинианум, државниот секретар на Светиот Престол, кардиналот Пиетро Паролин, изрази загриженост за „систематското кршење на меѓународното право“, особено за бомбардирањето на цивили и убиствата на хуманитарните работници. Тој се осврна и на закрепнувањето на папата Фрањо, велејќи дека Папата ќе продолжи да работи на најважните прашања, но дека му треба и време за одмор.

„Многу сме загрижени поради систематското кршење на меѓународното право“, беа зборовите на кардиналот со кои се изразува загриженоста на Светиот Престол за обновувањето на различни конфликти ширум светот – особено неодамнешниот конфликт во Појасот Газа, кој папата Фрањо го осуди за време на молитвата Ангел Господов во неделата на 23 март 2025 година.

Израелската амбасада при Светиот Престол во понеделникот му одговори на Папата преку својот профил на платформата Х, потврдувајќи дека Израел постапува во согласност со меѓународното право.

Кардиналот Паролин, говорејќи на маргините на попладневниот настан во Аугустинианум насловен „Ватикански самит за долговечноста: пркосејќи му на часовникот на времето“, им рече на новинарите дека апелот на Папата е „повик да се запре, да се најдат начини за дијалог и мир“.

„Неодамна разговаравме со Црвениот крст и тие исто така се во многу, многу големи тешкотии. Бомбардирање цивили, убивање хуманитарни работници – сето тоа се дејствија што се против хуманитарното право, а денес нема почитување на хуманитарното право. Ова е едно од најголемите ограничувања во овој период: веќе нема почитување на хуманитарното право“, рече кардиналот.

Запрашан за состојбата на папата Фрањо по отпуштањето од римската болница Гемели по 38 дена хоспитализација, кардиналот објасни дека Папата „сега ќе мора да закрепне и да одмора“.

Рано е да се предвиди како ќе изгледа идниот дневен распоред на Папата. „Засега ќе му бидат претставени само најважните работи – оние за кои е потребна негова одлука – за да се избегне преоптоварување. Потоа, како што ќе станува подобар, ќе се вратиме во редовен ритам“, објасни кардиналот.

Во своето обраќање на самитот, кардиналот истакна дека „долговечноста е еден од големите предизвици на нашето време“, бидејќи тоа не е само медицински проблем, туку „го допира општеството како целина, вклучително и економијата, културата, етиката и духовноста“.

„Живееме во време во кое се негираат ограничувањата и слабостите, како староста да е проблем што треба да се сокрие“, рече кардиналот Паролин. „Но, животот е подарок и ја зачувува својата вредност во секоја фаза од постоењето“, додаде тој, предупредувајќи против „потрагата по биолошка бесмртност, заборавајќи дека вистинската полнота не се наоѓа во бројот на години, туку во квалитетот на врските, во љубовта дадена и добиена, во длабокото чувство дека сме дел од заедницата“.

Затоа, кардиналот повика научните и технолошките истражувања да бидат насочени кон „целосното добро на личноста“ и „во служба на човечкото достоинство и универзалното братство“.

„Долговечноста не може да стане привилегија резервирана за малкумина, ниту нова форма на социјална нееднаквост“, повтори кардиналот, цитирајќи ги зборовите на папата Фрањо на оваа тема.

На крајот, кардиналот Паролин повторно ја нагласи важноста на односот меѓу младите и постарите со цел да се постигне „меѓугенерациска солидарност“ и да се избегне „културата на индивидуализмот“.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот