Кардинал Паролин за посетата на Папата на Светата земја
Папата Фрањо во сабота на 24 мај замина на тродневна посета на Светата Земја, по повод 50 годишнината од средбата помеѓу Павле VI и патријархот Атенагора I во Ерусалим, па затоа во среда, на заедничката аудиенција, побара од верниците да го следат со молитва на тоа негово патување.
Мислам дека плодовите од ова патување на Папата ќе бидат насочени кон средбите – истакна во разговорот за Радио Ватикан Папскиот државен секретар кардиналот Пиетро Паролин и додаде – Плод на средбите на Папата со различните реалности што живеат во таа земја, како и взаемно меѓу нив. Тоа ќче биде плод на мирот. Знаеме дека Светиот Отец оди во една многу измачена земја – примети кардиналот и изрази надеж дека вистинскиот плод на овој поход ќе биде помошта на сите што се одговорни, како и на сите луѓе со добра волја, во носењето на храбри одлуки на патот кон мирот.
Што се однесува до очекувањата на Светиот Престол од израелско-палестинскиот дијалог, кардиналот рече дека од една страна Израел има право да живее и да ужива во мирот и сигурноста во меѓународно признатите граници; а од друга страна е право на палестинскиот народ да има суверена и независна татковина со право на слободно движење и право на достоен живот. А потоа, тука е и признавањето на светата и универзална карактеристика на градот Ерусалим, на неговото културно и верско наследство; значи, како поклоненичко место на трите монотеистички религии. Тоа се, на некој начин и главните точки на кои Папата и овој пат ќе инсистира, во согласност со „политиката“ на Светиот Престол што се однесува до израелско-палестинскиот конфликт.
Осврнувајќи се на екуменската средба на Светиот Гроб со патријархот Вартоломеј I, во спомен на средбата на Павле VI и патријархот Атенагора I, кардиналот Паролин истакна дека токму тој историски настан даде важен, одлучувачки поттик на екуменскиот пат и ни покажа дека гестовите понекогаш се покорисни и поубедливи од зборовите. Се надевам дека средбата на папата Фрањо со Вартоломеј ќе го оживее тој оган, тој занес за екуменско чекорење од кои би требало да ги поттикне сите иницијативи – истакна кардиналот и додаде дека би требало да постои дух на занес и силна желба за единство како што била силна Исусова молитва во салата на Последната вечера, пред неговата мака и смрт.
РВ/В.Н.