Кардинал Паролин за Европа и Римскиот договор

Кардинал Паролин за Европа и Римскиот договор

Она што нѐ обединува е посилно од она што нѐ разделува – истакна неодамна во интервју за италијанскиот весник „Ла Стампа“, кардинал Пиетро Паролин, Папскиот државен секретар, по повод 60-годишнината од потпишувањето на Римскиот договор..

Со тие договори на 25 март 1957 година Франција, Германија, Италија и земјите од Бенелукс ја основаа Европската економска заедница. Кардиналот во разговорот за „Ла Стампа“ потсети на културните и верските темели и меѓувладината и наднационалната организација на 28 европски држави, повикувајќи ги европските лидери на помалку популизам, а повеќе служење на заедницата.

На татковците основачи не им било толку до создавање на нова наднационална структура, туку повеќе им било до тоа да дадат живот на заедницата и да се делат ресурсите – рече кардиналот. Европската унија денес би требало да се сфати како „заедница на пат“, а не како на статична и бирократска креација. Папскиот државен секретар потсети дека токму 60 годишнината од потпишувањето на Римскиот договрм потсетува на тоа дека во денешно време и понатаму е можно да се работи заедно, затоа што она што нѐ обединува е посилно и поважно од она што нѐ разделува.

Кардинал Паролин популистичкиот стремеж во цела Европа го толкува како знак на длабоко незадоволство кај многу луѓе кои страдаат поради последиците од економската криза и се чувствуваат несигурни заради зголемувањето на миграцијата. Тој смета дека популизмот е само делумен одговор на сложените проблеми. Кардиналот истакна дека не смее да се потценува оживувањето на популизмот, затоа што неодамнешната европска историја укажува на разорните последици. Додаде дека на Европа ѝ е потребна веродостојна и далекосежна политика. (…)

Се осврна и на проблемот на тероризмот чии корени – според него – во еден дел се од економска природа: сиромаштвото, недостатокот на работни места, општествената маргинализација. Но, појавата т.н. „странски борци“ (англиски foreign fighters), укажува на подлабок проблем. После Втората светска војна Европа се обидува да се „ослободи“ од наследеното културно наследство и вредности што ги создал вакуумот. Младите луѓе ги чувствуваат последиците од тој вакуум, а бидејќи не ги наоѓаат вистинските одговори на своите прашања за смислата на животот, трагаат по палијативни средства и алтернативни одговори – истакна кардиналот.

Папскиот државен секретар зборуваше и за христијанските корени на Европа кои ги нарече нејзиниот „животен сок“. Потписниците на Римскиот договор во заедничкото христијанско наследство го виделе клучниот темел на кој ја граделе Европската економска заедница. Но, следувало процес на протерување на христијанството во приватната сфера. Затоа било непходно да се пронајдат други заеднички темели, на изглед поконкретни, но тоа доведува до вредносен вакуум, а последицата на тоа се општества кои сѐ повеќе се фрагментирани. „Во тој контекст христијаните се повикани да понудат уверливо животно сведоштво. „Современиот човек повеќе ги слуша сведоците отколку учителите,“ рекол папата Павле VI. Од христијаните не се очекува да кажат што треба да се прави, туку со својот живот да укажат на патот по кој треба да се оди,“ рече на крајот кардинал Пиетро Паролин.

РВ/к.мк

Категорија: Вести, Свет

За авторот