Кардинал Паролин во Москва се сретна со Лавров

Кардинал Паролин во Москва се сретна со Лавров

„Ова е добра можност за да се проверат, разгледат и зацврстат нашите билатерални односи”. Ова го наведе државниот секретар на Ватикан, кардинал Пиетро Паролин, во разговорот за време на средбата со рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, во Москва.

Посетата како единствена можност за зацврстување на односите

Кардиналот ја изрази својата благодарност до властите за можноста за оваа посета, која од двајцата соговорници е прифатена како “единствена”. Од своја страна министерот Лавров го истакна постојаното зајакнување на билатералните односи и го нагласи единството во ставовите во врска со светските кризи. Лавров зборуваше за борбата против тероризмот и екстремизмот, развојот на меѓурелигискиот дијалог и афирмацијата на принципите на социјална правда и улогата на семејството. Оттука и високата руска оценка за проектите за соработка на воспитно, културно и здравствено поле.

Градење врски на различни нивоа

По средбата, за време на заедничката прес-конференција, кардинал Паролин се заблагодари на властите за укажаното гостопримството и истакна дека е на посета како „посредник на папата Фрањо за сите соговорници, како за билатералните односи, така и за разните меѓународни кризи”. Што се однесува до билатералните односи меѓу Русија и Светиот Престол, кардиналот ја потврди волјата за продолжување на контактите особено во научната и културната сфера и како знак на добра волја го истакна потпишувањето на Договорот меѓу Ватиканскиот државен секретаријат и Владата на Руската Федерација за укинувањето на визниот режим за носителите на дипломатски пасоши.

Русија е подготвена да одговори на католичките прашања

За конкретните прашања поврзани со животот на Католичката црква во Руската Федерација, кардинал Паролин го истакна големото внимание и желба за решавање за некои постоечки проблеми на домашното политичко поле, како „дозволата за работа, за странски нерелигиозни лица, и враќањето на некои цркви, кои се неопходни за пасторална грижа на католиците во земјата”.

Апел на Светиот Престол: Нека надвладеат општото добро, правдата и меѓународното право

За време на состанокот со рускиот министер за надворешни работи, кардинал Паролин, исто така разговараше за широкиот спектар на меѓународни прашања. Пред сè кардиналот ја истакна надежта „за изнаоѓање на праведни и трајни решенија за конфликтите кои го измачуваат особено Блискиот Исток и Украина”. Светиот Престол, кој е ангажиран на хуманитарно поле, упатува апел преку кардиналот, при барањето на решенија „да надвладее општото добро, а особено правдата, законитоста, вистината на фактите и избегнување на нивна манипулација, безбедност и пристоен живот за цивилното население”.

Светиот Престол – истакна кардинал Паролин – „иако нема намера и не може да се идентификува со ниедна политичка позиција, повикува кон обврската за строго придржување кон големите принципи на меѓународното право, чие почитување е императив, како за заштита на светскиот поредок и мир, така и за обновата на здрава атмосфера на меѓусебно почитување во меѓународните односи”.

Заштита на христијаните и верска слобода

Меѓу сличните ставови, иако со различен начин на пристап, истакнати од Ватиканскиот државен секретар и Руската Федерација, се издвојува големата „загриженост за ситуацијата на христијаните во некои земји од Блискиот Исток и африканскиот континент, како и некои други региони во светот”. Во тој поглед, Светиот Престол ја истакнува важноста за „зачувување на верската слобода во секоја земја, без разлика на политичка ситуација“, истакна кардинал Паролин.

Венецуела: Потребен е политички договор

Прашањата од новинарите, го повикаа кардиналот да се произнесе за ситуацијата во Венецуела и за улогата на Русија во оваа криза. Беше потврдена можноста Москва да интервенира како пријателска земја, заедно со целата меѓународна заедница, за постигнување на политички договор, кој што е единствен пат, а исто и Светиот Престол се залага за мирно решавање на ситуацијата во латиноамериканската држава.

Позитивен развој во односите меѓу Цркви

За односот со Православната црква и разговорите предвидени овие денови во програмата, кардинал Паролин истакна дека средбата во Хавана пред една година меѓу Папата и рускиот патријарх, како и посетата на моштите на свети Никола во руска земја, запалија искра на позитивна динамика. Кардиналот ја потврди „желбата да се продолжи по овој пат и да се поттикнат други активности кои ќе можат да ги зацврстат односите”. До овој момент во разговорите „сѐ уште не е спомнато прашањето за можна посета на Папата”, појасни кардиналот, и на крајот се довери на Светиот Дух, „за да помогне да се направат најдобрите чекори за иднината”.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот