Кардинал Дука ја критикува цензурата на неговиот Твитер профил

Кардинал Дука ја критикува цензурата на неговиот Твитер профил

Надбискупот на Прага Доминик Дука ја критикува цензурата на интернет откако неговиот профил на Твитер неколку дена беше суспендиран – објави на 3 ноември Catholic News Agency.

Кардинал Дука на 31 октомври 2020 година напиша дека профилот повторно му е активиран, но додаде дека не добил никакво објаснување зошто воопшто бил суспендиран.

Кардинал Дука кој бил затворен од комунистичките власти во 1981-1982 година цензурата ја спореди со времето во 80-те години, пишувајќи дека денес работите „не се многу поинакви“.

Сега, врз основа на измислени изјави, лицето не се казнува, туку вештачката интелигенција – напиша кардиналот додавајќи дека со тоа сакаат да се потиснат „погрешните“ идеи. Не е познато кога е суспендиран профилот на кардиналот, но на него е видливо дека од 14 до 31 октомври нема објави.

Според локалните медиуми, кога корисниците го барале профилот на кардиналот добивале порака дека е недостапен. Чешките медиуми претпоставуваат дека причина за суспензија на профилот на кардиналот може да биде твитер пораката која кардинал Дука ја објавил со линк за статија за изборот на Еми Кони Барет, судијка во Врховниот суд на САД во кој се критикува нејзиното прикажување како членка на „католичка секта“ од страна на чешките медиуми.

Надбискупијата Прага на 22 октомври 2020 година на својот профил објави дека тоа е најверојатно причината за суспендирањето на профилот. Сепак портпаролот на кардиналот рече дека причината е непозната и одби да нагодува за тоа.

Дука влегува во конфликт со чехословачките комунистички власти после неговото свештеничко ракополагање во доминиканската заедница во 1970 година. Властите го повлекуваат одобрението да служи како свештеник. Работел во фабриката за автомобили Шкода, а тајно сепак ја извршувал и свештеничката служба.

Кога се откриени неговите свештенички активности е испратен во затворот Бори во П’лзењ, каде меѓу затворениците се наоѓал и идниот чешки претседател Васлав Хавел. Дука славел света Литургија за затворениците под маска на шаховскиот клуб.

ЦНА/к.мк

Категорија: Вести, Свет

За авторот