Кардиналот Пуљиќ ја предводеше Мисата во Скопската катедрала

Кардиналот Пуљиќ ја предводеше Мисата во Скопската катедрала

На 18 ноември 2017 надбискупот и митрополит врхбосански кардиналот Винко Пуљиќ по повод својата повеќедневна пасторална посета на Црквата во Македонија ја предводеше свечената Евхаристиска прослава во катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје.

Во концелебрација со кардиналот Пуљиќ беа месниот бискуп на Скопската бискупија и Апостолскиот егзархат монс. Киро Стојанов, генералниот викар на врхбосанската надбискупија монс. Лука Туњиќ, скопскиот парох дон Давор Топиќ, канцеларот о.Марјан Ристов и монс. Антун Циримотиќ.

На почетокот на Мисата поздравна реч упати бискупот Стојанов со зборовите: „Драги оче надбискупе, почитуван господине кардинале, Ве поздравувам Вас како Надпастир и токму тоа го очекувам и јас и овие драги луѓе, Вашата посета да биде во знак на поддржување на оној пламен кој духот Божји го запали во нашите срца преку верата која ни е дарувана. Вам Ви е познато во кои околности живее и делува оваа мала католичка заедница во Р. Македонија. Понекогаш сме мал, тивок пламен, кој нема сила за голема светлина и кому му се закануваат разни ветришта за да го изгаснат, но сепак со векови гори! Тоа е Божје дело. Светиот отец, папата Фрањо е особено чувствителен за христијанските заедници кои живеат на „рабовите“. Чувствителен е за сиромашните! Толку сме му благодарни на Бога за таа милост што сте во Вашата надпастирска служба така блиски на папата Фрањо. Овој понтификат ќе биде запишан во историјата како грижа за малиот човек, за сиромашните, за човекот „на работ“. Ве поздравуваме како кардинал, а тоа значи близок соработник на Светиот Отец. Среќни сме што во Вас светиот папа Иван Павле II ја препозна таа грижа за малите, сиромашните и оние на работ на општеството. Го искусивте пеколот на страданието во прогонство. Оганот не згасна. Оче кардинале, очекуваме и во оваа Евхаристија на тој оган да се згрееме, да се расветлиме. Оганот кој Исус го дарува во жарот на Вашите зборови и љубов кон нашата месна црква и на овој народ во прилика кога особено нашите мисли и љубов се свртуваат кон сиромашните и оние во потреба. Нека биде благословена вашата посета, вашето доаѓање.“

Понатаму, во својата проповед кардиналот Пуљиќ истакна: „Денешното Слово Божјо нѐ подготвува за моментот кога треба да се појавиме пред лицето Божјо. Талентот е мерка, велат библичарите, која одговара на вредноста 30 килограми сребро. Кога слушаме како Исус ги делел талентите, ние сме луѓе и веројатно би се прашале: како тоа ги дели, можеби би се пожалиле што не ги поделил еднакво. Но, тој дели секому според неговата способност. Сите сме добиле доволно Божји дарови, секој од нас добил доволно Божји дарови за да може да стекне спасение. Словото е во соработка со Бога. Некој е подготвен  да соработува, а некој не. Тука не се работи за гледање низ паричните приходи туку однос на соработка на човекот со Бога.“ рече кардиналот.

На крајот на Мисата бискупот Стојанов на кардиналот Пуљиќ му врачи дар склика со пехар изработена во филигран, а слика на Богородица му беше врачена на монсињор Туњиќ. Во име на парохиската заедница децата на кардиналот му даруваа букет цвеќе. Мисната ја возвелича катедралниот хор под диригентската палка на с. Татјана Атанасова. По Светата Миса во катедралата следеше „Вечер со кардиналот“.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот