Капки на милоста или допири на Божјата љубов

Капки на милоста или допири на Божјата љубов

Многу брзо се шират негативните вести, црните хроники, лошите работи. Ги етикетираме луѓето според приказните што сме ги слушнале и најчесто тоа излегува на крајот како расипан телефон. А толку малку се зборува за убавите работи, за Божјата добрина, љубовта, убавината и благодатите кои ни ги дава секојдневно! Можеби тоа е причината што ни е тешко да веруваме во „Некого“ кого не го ни гледаме ни слушаме, а тоа е верата, таа не е во гледањето.

Многу добри и убави работи кои ни се случуваат не ги забележуваме, ги занемаруваме, ќе мавнеме со рака и преминуваме во нова ситуација која ни е тешка или полоша и веднаш почнуваме да ги обвинуваме сите околу нас и Бог кој тоа го дозволува, односно продолжуваме понатаму огорчени, бидејќи животот ни е премногу тежок и премногу горчлив, а тој Бог го нема никаде; ниту нè слуша, ниту му е грижа за овој свет што пропаѓа! А сите би сакале подобар свет, помирен, поубав, но сите ќе го впериме прстот во човекот до нас и ќе кажеме дека тој треба да се промени, а не ние!

Стани свесен човече, дека секој ден се разбудуваш, даруван ти е нов ден, нова можност за правење добро, даруван ти е бесплатен воздух, гравитација, небо, сонце, дожд, ветер, сè ти е дарувано.

Господ ти подарил здрави очи, уши, нозе, раце, здрава глава, срце! Сè што имаш, дарувано ти е, прво живот! Некаде во вечноста предвиден е моментот кога твоите родители ќе те зачнат, во тој момент е одредена бојата на твоите очи, твоето лице, сѐ што гледаш сега во огледалото. Во тој момент Господ ти ставил име. „Мое задоволство“. Тој момент е момент на твојот живот и Божјата неизмерна љубов за тебе која ја дишиш денес, а да не мораш да мислиш како следниот здив ќе го вдишеш, срцето ти чука, а да не си свесен дека го имаш сѐ додека не почне да боли! Подарени ти се мисли и сознанија за животот, за односите, за ситуациите, за времето, за луѓето…. сетоа тоа е дар!

Секојдневно ти си како трева која кога се буди, ги забележува капките роса на својот врв, тоа е милост која ти е дадена за да имаш сила за новиот ден! Кога ќе се најдеш во момент на безнадежност ти долетува мисла на надеж која ретко ја забележуваш, ама и тоа е милост! Кога посакуваш да видиш некого кој не си го видел долго време го сретнуваш на неверојатен начин и продолжуваш со зборовите: „Која случајност“… а случајноста не постои, но постои провидноста! Во Божјата замисла ти си дар, во Божјото срце ти си Негово сакано суштество, во Божјите очи ти си драгоцен и вреден…

Сè ти е дадено… а ако кажеш на сето ова, дека немаш работа, леб, среќа, здравје, мир, ќе ти кажам дека со вера и надеж можеш сè! Ако немаш сега работа, а му даруваш на Господ сè што си, па и тоа што си невработен, верувај ми Господ не ги остава своите и ќе се погрижи за тебе! Радоста и мирот се плодови на заедништвото со Бог, дружењата со Него, на молењето и славењета на сè што Тој направил, а здравје ако немаш, дарувано ти е сѐ друго како и во своето страдање да го прославиш и него кој ти е дарувал сè!

Сè: секоја средба, личост, случка, ситуација, простор и време во кое се наоѓаш ти шепоти за Божјите капки на милост кои ги излева на тебе секојдневно! Тоа се допирите на Неговата љубов, грижа и нежност! Само мораме да ги промените своите погледи кои се погрешни и наметнати од црните рамки низ кои денеска светот најмногу ги гледа луѓето и светот околу себе.

Ако ни ова не ти е доволно за да поверуваш дека секојдневно Бог те допира, заврти се околу себе и погледни го светот кој го направил за тебе, погледни ги луѓето кој ги ставил во твојот живот, погледни во себе и својата убавина, бидејќи самата Убавина те создала без разлика како ти гледаш на твојот нос, твоите уши, очи, прсти, тело, ти си убавина, бидејќи е убав Оној кој те создал, а Тој ја украсува твојата кожа со милостите во кои секојдневно уживаш… Денес заблагодари Му за тоа, бидејќи и тој сака да го почувствува допирот на твојата љубов и нежност!

с. Марија Пиа Тадијанов/к.мк/Валентина Алаџова

 

Категорија: Вера, Духовност, Колумни
Ознаки благодат, Бог

За авторот