Калдејскиот надбискуп Емил Шимун Нона: Мојата надбискупија во Ирак повеќе не постои

Добредојде! Со овие зборови калдејскиот надбискуп Мосул Емил Шимун Нона срдечно пречека една видно вознемирена жена и ја прими во својата нова резиденција во селото Тал Каиф, оддалечено три километри од Мосул. Во ноќта помеѓу 9 и 10 јуни, надбискупот мораше да го напушти Мосул, бидејќи борците на Исламската држава Ирак и Левант зазедоа делови од Ирак. Оваа жена, пешачејќи стигнала од Мосул, барајќи спас побегнала со своите деца, изјави надбискупот говорејќи со претставник на Организацијата „Помош за Црквата во потреба“.

Надбискупот говореше како Црквата ги прифатила сите што бегале пред напредувањето на исламските фундаменталисти. Нашата вера нè учи да помагаме и да се грижиме за секој, без разлика на верата. Бегалците се сместени во црковни училишта и во детски градинки и во некои напуштени куќи. Во селото Тал Каиф стигнаа околу 700 семејства, а во Алкош, христијанско село одалечено 20 километри од Мосул, згрижени се 500 христијански семејства и 200 муслимански семејства. Со заштедата од околу 100.000 евра надбискупијата им помага на овие згрижени семејства.

Хабиб, неговата жена и петте деца, заедно со другите семејства се сместени во просториите за печатење на верска литература. Сè оставивме во Мосул, само успеавме да си ја понесеме облеката и документите. Не знаеме дали некогаш ќе се вратиме во својата куќа, изјави Хабиб говорејќи со претставникот на Организацијата со Папско право. Една жена пак, со четири деца, се надева на заминување на Запад. Знам дека на Запад нема да биде лесно да го обновам животот, но барем ќе бидеме сигурни. Не сакам моите деца да пораснат во страв, рече жената.

Некои сакаат да заминат, другите, пак не сакаат да ја напуштат својата држава, но ниту едните ниту другите знаат каква иднина ги очекува. Нивните чувства ги дели и надбискупот Нона. Повеќе од три четвртини од неговите верници од надбискупија сега се во бегство. Не знам дали ќе можат да се вратат, рече надбискупот додавајќи:

Мојата надбискупија повеќе не постои, ја однесе Исламската држава Ирак и Левант. За време на неодамнешната Синода на калдејската Црква, одржана во Ебрил наместо во Багдад, поради нападите на исламските фундаменталисти, бискупите очајно бараа одговор на оваа криза. Бегалците не се единствен проблем со кој се соочуваме, напредувањето на Исламската држава ги заострија односите помеѓу сунитите и шиитите, зголемувајќи го чувството на несигурност кај христијаните, кои и онака ја имаат изгубено вербата во иднината во оваа држава, истакна надбискупот.

Црквата во Ирак своите надежи сега ги полага во Курдистан, нецелосно независната покраина во која од почетокот на војната во 2003 година, многу христијани побегнаа од насилството. Бискупите се надеваат дека во Курдистан, нивните верници, побегнати пред исламските фундаменталисти, ќе пронајдат нов дом и дека нема да мора да го напуштаат Ирак.

РВ/В.Н.

Категорија: Свет

За авторот