Без никакво сомневање треба да веруваме дека Блажена Дева Марија умрела со вистинска смрт. Така денес мисли целата Црква. Така учат и светите отци, и тоа најзначајните и најдревните.
„Кога и самиот Исус умре, доликуваше и Неговата Мајка во тоа да биде слична на својот Син.“
Смртта на Марија е и доказ дека таа имала вистинско човечко тело, а не, како што мислеле некои еретици, небесно или некакво наводно ангелско тело. Не. Таа имала вистинско човечко тело, кое било подложно на смрт.
Смртта сама по себе не содржи несовршенство што не би ѝ прилегало на Мајката Божја. Смртта е казна, но ако невин човек, заради Бога, поднесе некаква казна, преку тоа може да стекне голема заслуга пред Бога и умножување на благодатта. Затоа во Светото Писмо се вели дека „драгоцена е во очите Господови смртта на Неговите светии“ (Псалм 115,5).
Затоа нема причина да се сомневаме дали Блажена Дева Марија умрела или не. Во тоа нема зло, уште помалку затоа што, како што веќе спомнавме, умрел и самиот Исус.
Друго прашање е: Како умрела?
Дали заболела од некаква болест, можеби и долготрајна, па потоа умрела? Или починала од старост? Или, пак, немало никаква природна причина за смртта?
Изгледа дека вистинито е ова последното.
Така учи и свети Бернард, дека болеста од која умрела Марија била огнот на Божјата љубов, од кој таа одамна би исчезнала од овој свет, ако Бог не сакал поинаку. Тоа е повозвишен начин на смрт и затоа посоодветен за Марија, поради нејзината невиност и чистота.
Значи, кај неа немало телесна болест поради која би настапила смртта. Немало ниту старечка изнемоштеност. Силната љубов и горливата желба за Исус биле најблиската причина за нејзиното упокојување.
Може да се случи, од силно чувство и голема духовна напрегнатост, телото да ослаби, телесните сили малку по малку да попуштат, додека телото сосема не изнемошти, така што душата веќе не може да остане соединета со него.
Ако пред очи ја имаме Пречистата и безгрешна Дева, Пресветата Богородица, најсреќната и најтажната Мајка, благословената меѓу жените, тогаш треба да разбереме дека таа не го завршила својот земен живот како обичните жени. И нејзината смрт била славна и достоинствена. Во таа смисла зборуваат и древните преданија.
Ангелот ѝ го навестил часот на нејзиното заминување
Најнапред дознаваме дека ангел од небото ѝ го јавил часот кога ќе се пресели од овој свет во прегратките на својот Син.
Оваа милост, како што читаме во животите на светците, Бог им ја дал на многу избрани души: однапред да им го открие денот, часот и мигот на нивната смрт. Затоа не е нешто сосема необично што Бог ни на Блажена Дева Марија не ѝ го сокрил часот на нејзиниот премин од овој свет.
Обичните луѓе ваквата вест би ги вознемирила, исплашила и растажила. Но Пресвета Богородица ја примила таа вест со неискажлива радост и им ја соопштила на христијаните.
Тие, кога ја слушнале веста, се растажиле, но брзо се утешиле и охрабриле кога таа ги уверила дека секогаш ќе се моли за нив пред својот Син.
Потоа го уредила својот дом како да се приближува голем празник.
А тоа навистина бил голем празник за неа: требало да дојде Синот Божји по неа и да ја земе кај Себе во небесниот рај.
Апостолите се собрале околу неа
Друга работа што ја дознаваме од преданието е дека сите апостоли, по Божјо вдахновение, во тоа време дошле во Ерусалим, за уште еднаш на овој свет да ја видат Блажена Дева Марија, да бидат присутни при нејзиното свето упокојување, уште еднаш да ѝ се поклонат на крајот од нејзиниот земен живот и да го примат нејзиниот последен благослов.
Тоа било одлука на Божјата промисла. И навистина доликувало учениците Исусови, тогашните пастири на Црквата, барем некои од нив, да бидат присутни на погребот на Мајката Божја.
Јасно е дека доаѓањето на светите апостоли многу го утешило срцето на Блажена Дева Марија. Таа од сета душа Му благодарела на Бога и за оваа утеха, која милостиво ѝ ја подготвил.
Нема да погрешиме ако кажеме дека Блажена Дева Марија, откако се поздравила со секој од апостолите, од нив слушнала како се шири Христовата Црква. Секој од нив ѝ раскажувал што му се случило, како Господ со чуда ја потврдувал вистината што ја проповедале и како бројот на христијаните од ден на ден расте.
До последниот здив таа мислела и се грижела за Царството на својот Син на земјата.
Последниот миг на Пресветата Богородица
Веќе настапила ноќта. Светлината од светилките му давала на нејзиното лице уште поголем сјај и благост, така што сите присутни биле длабоко трогнати.
Кога Блажена Дева Марија почнала да се простува од апостолите, ги охрабрувала да не се плашат од прогонства, маки и смрт што ќе мораат да ги претрпат за Христос, и им ја ветила својата помош.
Потоа она малку облека што ѝ припаѓало го разделила на побожните жени, кои исто така биле присутни при нејзиното упокојување.
Потоа нејзината душа се задлабочила во небесните работи, и таа почнала да им зборува на апостолите за небесното Царство со таков жар на срцето, што слушателите се восхитувале.
Најпосле, кога видела дека Господ доаѓа по неа во светол облак и во придружба на безброј ангели, лицето ѝ се заруменило, а очите ѝ засветиле со небесен сјај. Целото нејзино битие се преобразило.
Тогаш ги раширила рацете за последен пат да ги благослови апостолите, а потоа воздивнала последен пат, изговарајќи ги зборовите:
„Во Твоите раце, Господи, го предавам духот свој.“
И откако ги изговорила тие последни зборови, издивнала. А Господ ја зел нејзината душа и ја одвел, среде ангелските хорови, право во небесниот рај.
Така раскажува древното црковно предание.
Нејзиното лице останало преобразено
Лицето на Марија останало преобразено и по смртта. Благоста и сјајот останале непроменети на нејзиното лице.
Погледот кон нејзиниот свет лик ги тешел натажените апостоли и ги потсетувал на Исусовите зборови:
„Јас сум воскресението и животот; кој верува во Мене, и да умре, ќе живее. И секој што живее и верува во Мене, нема да умре довека“ (Иван 11,25-26).
Гледајќи го нејзиното свето тело како мирно почива, додека нејзината душа веќе е во блаженство и слава, тие со свои очи гледале колку се вистинити зборовите што ангелот Гаврил ѝ ги кажал на Марија:
„Радувај се, Благодатна! Господ е со тебе; благословена си ти меѓу жените“ (Лука 1,28).
Погребот на Блажена Дева Марија
Најпосле дошло времето телото на Блажена Дева Марија да биде погребано.
Апостолите го понеле светото тело на одар кон одреденото место близу Гетсиманската градина. Големо мноштво верници ја следело поворката, пеејќи псалми и свети песни, додека ангелски чети, придружувајќи го овој погреб, го возвеличувале со своето небесно пеење. Тоа било повеќе свеченост и слава отколку жалосен погреб. Никој немал причина да плаче, туку повеќе да се радува и да се весели поради блаженството и славата на Пресвета Богородица.
Светото тело веднаш го положиле во камен гроб во Јосафатовата долина и го затвориле со камена плоча.
Празниот гроб
Кај луѓето е обичај барем во првите денови по погребот повторно да го посетуваат гробот на своите сакани покојни. Обично секој ден одат на гробот, каде природно се обновува нивната жалост, но од таму се црпи и утеха.
Така, според древното црковно предание, правеле и апостолите и ерусалимските христијани. Три дена останале крај гробот, молејќи се, пеејќи свети песни и барајќи помош од небесната Мајка, која ја изгубиле на овој свет, но ја стекнале како уште посилна Застапница на небото.
И секогаш кога таму биле ангелите, се слушало небесно ангелско пеење со неискажлива убавина.
Од древното црковно предание дознаваме и дека еден од апостолите, свети Тома, не стигнал на погребот на Блажена Дева Марија, туку пристигнал токму кога апостолите се враќале од гробот.
Многу жалел што не ја затекнал Блажена Дева жива, па посакал барем уште еднаш да го види нејзиното небесно лице. Ги замолил апостолите да го отворат гробот. Тоа било третиот ден по нејзината смрт.
Кога погледнале во гробот, го нашле празен.
Во него го немало телото, туку само платната во кои било завиткано светото тело, а пријатен мирис ја исполнувал гробницата.
Апостолите, се разбира, се зачудиле. А првата мисла што им дошла била дека Блажена Дева Марија била земена на небото.
Подоцна сè повеќе се уверувале во тоа и им го пренесувале на другите верници. Така ова предание се зачувало до денес.
ХКМ/.к.мк

