Како молам со мојот сопруг

Како молам со мојот сопруг

Долго време, јас и мојот сопруг не молевме заедно како што молиме сега. Бевме прилично во молитва, се молевме рамо до рамо во црква, споделувавме молитви пред јадење, ги водевме нашите деца на семејна молитва и учествувавме во молење на Бројаница со други луѓе. Бевме во група за размислување на Светото Писмо и таму споделувавме молитви.

Едно нешто недостасуваше

Како и да е, кога бевме поканети да зборуваме пред една група за Светата Тајна венчание сфативме – среде презентацијата – дека на нашата врска и недостасуваше нешто што го препорачувавме како основна компонента на силен христијански брак: одвојување време, секој ден, како брачен пар да бидат со Бога во молитва.

Можеби немаше да бидеме поканети, доколку организаторот знаеше дека за време на нашата презентација ќе го откриеме и ќе го споделиме со сиромашните души во групата, нашиот недостаток. Додека ги наведовме придобивките од молењето како брачен пар, се свртев кон мојот сопруг и реков: „Ова не го правиме добро. Всушност, тоа воопшто не го правиме“.

Иако нашата приказна покажува поинаку, ние го подготвивме својот говор заедно. Но, Бог во свое време откри што ни недостасуваше во подготовката на презентацијата. Благодарна сум; зашто, во тој момент се обврзавме, еден на друг и на групата да ги поднесуваме нашите недостатоци, да влеземе во нов настојчив начин на минување време заедно со Бога.

Сите знаеме дека тоа е добро за нас…

Слушнавме потикнувања. „Брачните партнери кои се молат заедно остануваат заедно. “И, верувавме дека е доволно да им кажеме на другите да го прават истото. Молитвата не беше нешто ново за нас, а нејзините плодови ги доживеавме во нашите индивидуални односи со Исус. Ние верувавме во нејзината моќ. Како што многумина кажаа, молитвата не го менува Бога, нè менува нас. Ако молитвата нè менува нас, тогаш зарем заедничката молитва на сопругот и сопругата нема го смени нивниот брак? И оние кои бракот ги пресретнува?

Но, скриено меѓу многу други работи, велам дека верувам, дека е грчот на неверување, доволен за да ме спречи да постапам. „Верувам, Господи, помогни му на моето неверие!“,Рече таткото кој бараше Исус да го исцели неговиот син во Марко 9:,14-29. Бог ќе помогне, но ние навистина мора тоа да го посакуваме и да го молиме.

На мене и на мојот сопруг ни требаше Божјата помош да поверуваме дека заедничката молитва ќе направи разлика. Кога почнавме да се молиме заедно секој ден, Тој започна да го лекува нашето неверување.

Што прави молитвата во бракот

Нашата молитва не само што нè зближи на нов начин, туку ни помогна да се сретнеме со Бог на нов начин.

Зашто, каде се двајца или тројца собрани во Мое име, таму сум и Јас посреде нив (Матеј 18,20).

Кога го доживуваме присуството на Бога на очигледен начин во молитва со другите, исто како што ни вети Исус, тоа ни овозможува да го препознаеме Неговото присуство во други моменти, каде што можеби не е толку очигледно.

Нашата молитва ни овозможува да ја слушнеме Божјата порака за нашиот брак. Бракот бара работа. Бракот е дел од тесниот пат (Матеј 7,13-14) за обединување со Исус за оние кои се заветуваат. На сопружниците им е потребна насока и водство. Во нашата молитва, сфаќаме дека ни треба постојано насочување, дури и во тоа како заедно да се молиме.

Кога ќе се свртиме заедно кон Бога, Тој ни помага да Го видиме Него во другиот. Молитвата е израз на љубов, затоа што го насочува нашето внимание кон другиот. Нашето најинтимно пријателство, она со Исус, го споделуваме со нашиот сопружник на личен и ранлив начин.

Како изгледа нашата молитва

Научивме дека работите ни одат подобро, доколку секојдневно се молиме. Бидејќи нашата себична човечка состојба секојдневно одново расте, исто така расте и нашата потреба за Бог, во нашите индивидуални животи и во нашите односи.

Единствената постојана работа во врска со нашата молитва (освен што Исус се појавува секој пат) е тоа што се случува секој ден. Најчесто, наутро се молиме заедно. Оној што ја напушта прв куќата го бара другиот за молитва. Каде и да се наоѓа другиот, тоа ќе биде локацијата за молитва.

Понекогаш, едно, две или три деца ќе поминат. Ги покануваме да ни се придружат, но само ретко прифаќаат. Се чини дека тие се повеќе заинтересирани да набљудуваат и слушаат, можеби се прашуваат што ќе произлезе од молитвата на нивните родители. Јас верувам дека Бог ќе им ја открие Неговата добрина.

Нашата заедничка молитва не беше една од молитвите научени напамет, но молитвите научени напамет ќе доведат до убава заедничка молитва, доколку тоа е желба на бракот. Го имаме она што јас често го нарекувам „отворен микрофон со Бога“, каде едноставно зборуваме од срце. Често молитвата е несмасна.

Мојот сопруг брзо се заблагодарува и слави, љубезно му кажува на Бога добро утро и ги забележува изобилството на дарови што ни се дадени.

Јас сум склона да ги воздигнам луѓето во нашите животи и да побарам помош за околностите што не опкружуваат. Во нашите разновидни придонеси ,Господ ја зајакнува нашата врска, нашата потреба еден за друг како сопруг и сопруга и нашата длабока потреба за Него во нашиот брак.

Моменти на благодатта

Една од нашите утрински молитви ми е во сеќавање во моето срце. Во тоа време, не би рекла дека беше радосен момент, но сега носи радост.

Во нашиот дом, ние оставаме важни документи и предмети потребни за следниот ден на одреден дел од работната маса во кујната, претходната ноќ. Тоа не е далеку од нашиот апарат за кафе. Претходната вечер, имав оставено во тој простор неколку документи, кои и беа потребни на една од нашите ќерки за следниот ден за меѓународно патување. Документите вклучуваа оригинални нотарски потписи и обемни здравствени информации. Нешто невообичаено се случи со апаратот за кафе, кој мојот сопруг великодушно го програмира секоја вечер, и хартиите беа натопени со кафе кое очајно го сакав во чашата.

Втората моја мисла – откако сфатив дека ќе мора да почекам за кафе – беше колку време ќе одземе да се обноват документите. Јас набрзина ги наредив документите, еден по еден, над предмети во кујната за да се исушат. Мојот сопруг мирно рече дека му е жал за кафето и ме повика на молитва.

Не сакав да се молам.

Само што сакав да извадам фен за коса и да ги исушам документите.

Но, како што тој ги изговараше зборовите со кои го започна нашиот разговор со Бога, јас се потсетив да престанам да се фокусирам на она што не беше во ред, како што честопати правам во тешки ситуации, и вниманието му го посветувам на Бог, на мојот сопруг и на вистинското присуство на двајцата. Додека мојот сопруг му се заблагодаруваше на Бога за „благодатта да се справи со инцидентот со кафе“, почувствував грижа на совест затоа што пред неколку минути бегав од таа благодат. Се молев да можам да направам простор за благодатта во тој момент. Молитвата го направи просторот што ми беше потребен.

Доживотна покана да се молам со мојот сопруг

Не е изненадувачки, но не бевме поканети повторно да зборуваме за Светата тајна венчание. Но, Господ продолжува да нè поканува да бидеме заедно со Него секој ден. Тој е секогаш таму, каде и да сме и кога и да одвоиме време, чекајќи да го споделиме нашиот однос со Него.

Како што нас многу нè охрабрија, и јас ве охрабрувам. Ако сте во брак, верени или во врска, молете заедно на некоја накана со нашиот Господ. Направете ја молитвата своја. Нема правила. Побарајте го Бога за помош. Тој ќе се појави.

Ники Фрекер

 

Категорија: Вера, Семејство

За авторот