Секојдневната молитва е многу важна. Ајде да одиме чекор напред: да молиме со сопругот! Ви даваме идеи како конкретно можете да го направите тоа.
Ако постигнувањето на светоста е цел на нашиот живот, тогаш молитвата е алатка со кои го градиме нашиот однос со Бог. Овде ја нагласуваме важноста на секојдневната молитва, но потребно е да се оди чекор напред. Сакаме да дадеме конкретни идеи како да се расте во молитвата – посебно кога е во прашање молитвата на еден брачен пар. Не ни е целта да ја измолите секоја молитва на овој список! Изберете една или две молитви кои ви одговараат и започнете од тоа.
Неопходно е молитвата да се постави како приоритет на тој ден и да се работи на неа додека не стане навика! Молитвите ги поделив на утрински, дневни и вечерни за да можете да го изберете она време кое најмногу ви одговара.
Утринска молитва
– Започнете го својот ден со утринското посветување – ова може да се направи пред да излезете од собата, па дури и од својот кревет. Важно е да го започнеме денот со препуштање на Бога и неговата провидност. Својата молитва за утринско посветување ја држев до мојот кафе апарат за да бидам сигурна дека нема да заборавам да ја измолам.
– Прочитајте ги заедно литургиските читањата за тој ден. Секојдневните литургиски читања можете да ги пронајдете на некои од мобилните апликации. Ако сте повеќе традиционални луѓе можете едноставно да ги пронајдете во вашата Библија или Часословот. Мојот сопруг и јас се менуваме во читањето на глас додека наутро го пиеме кафето. Ако едно од децата е будно седи покрај нас и нѐ слуша, сите тие знаат дека доручекот нема да дојде на ред додека не завршиме со читањата.
– Прочитајте нешто за светецот на денот. За светецот кој се спомнува на тој ден може да се пронајде на интернет или едноставно преку некои книги во кои ги има сите светци кои се празнуваат цела година.
– Бакнете се еден со друг и направете знак на крстот на челото пред да одите на работа.
– Оставете време за лична молитва наутро. Ова можете да го остварите преку личен осврт на текст од Светото Писмо, читање на медитација или духовни книги, пишување на дневник, време поминато во тишина итн. Можете да одвоите 5 или 10 минути во тивок дел од вашата куќа или стан за да можете да го градите на тој начин односот со Исус.
Во текот на денот
– Ако е можно да отидете со својот сопруг на света Литургија во текот на неделата – било да се работи за Литургија пред работа, попладневна или вечерна Литургија.
– Неделната литургија е незаменлива, дури и кога се наоѓате на одмор!
– Молитва пред јадење. Дури и кога сте во ресторан или некаде каде има и други луѓе. Бог доаѓа на прво место!
– Користете ја модерната технологија за да можете да го навиете алармот на вашиот телефон и да го измолете Ангелот Господов.
– Измолете Света Бројаница додека сте на прошетка. (Бонус: Ако ја молам Бројаницата навечер во креветот најверојатно ќе ми се случи да заспијам, затоа ова ми звучи како прекрасна идеја!)
Молитвата преку денот кај секоја личност изгледа различно.
Еве некои примери:
– Во автомобил: молете за безбедност на другите учесници во сообраќајот или разговарајте со Бог на патот до работата.
– Во текот на домашните работи: повикајте го Светиот Дух да ја освети вашата работа или разговарајте со Исуса како што тоа го правите со пријател, споделете ги своите тешкотии со него.
– Часослов: секогаш можете да се придружите кон универзалната молитва на Црквата молејќи ја утринската молитва, вечерната или повечерието (или Ангелот Господов напладне).
Оваа молитва можете да ја пронајдете на интернет или преку некои Андроид апликации.
Навечер
– Навечер пред спиење можете заедно да измолите некоја молитва. Заедно на глас искажете ја својата благодарност, барајте помош или молете за нешто одредено. Можете дури и да клекнете покрај креветот и да молите заедно.
Ако не ви е удобно на глас да ја кажете својата молитва секогаш може да ја измолите Оче наш или Радувај се Марија, Бројаницата на Божјото милосрдие или некоја друга побожност.
– Вечерниот испит на совеста е нешто што јас лично би сакала да го правам со својот маж. Ова е добра вежба во која можеме да се осврнеме на денот кој поминал, колку Бог бил присутен тој ден во мојот живот, што можев да направам и што треба да поправам.
– Ако имате деца тогаш одвојте време навечер за заедничка молитва на целото семејство.
– Имајте го во предвид часот за обожавање на Пресветата Тајна Евхаристија. Многу Цркви имаат капели во кои Пресветата Евхаристија е секогаш изложена. Исус секогаш е таму и чека да го посетиме. Мојот сопруг и јас сме редовни посетители секој четврток навечер – една недела оди тој, наредната јас.
Понекогаш кога сме уморни и мораме да се присилиме за да одиме. (Пред неколку недели нашите деца не беа подготвени за во кревет и никако не сакаа да се смират. Само реков на сопругот: „Моја работа е обожавањето“ и излетав низ вратата JJ) Секогаш сум благодарна за овој дар кога доаѓам во капелата. Понекогаш читам духовна книга или молам Бројаница. Некогаш пишувам во својот дневник. Но, поголем дел од времето едноставно седам и уживам во мирот и тишината повикувајќи го Господа да зборува во моето срце.
„На времето поминато пред Пресветата Евхаристија треба да гледаме како на најсреќните моменти од нашиот живот“ – свети Иван Вијанеј.
– Заедно истражувајте ја Библијата наместо да гледате телевизија. Секогаш можете да купите ДВД или книги кои можат да ви помогнат во вашиот духовен раст.
Жена Врсна/к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк