Италијанските епископи за Националниот ден на животот

„Италија продолжува да страда од проблемот на демографски пад, кој во најголем дел е предизвикан од недостатокот на вистински семејни политики“. Така Италијанската епископска конференција ја започнува својата порака за 38. Национален ден на животот, кој ќе биде одбележан на 7 февруари 2016 година.

Во документот епископите забележуваат дека во земјата се вложува енергија и сили во корист на мали групи луѓе, додека овие напори недостасуваат за милионите семејства кои и покрај несигурноста на работното место, продолжуваат „да предизвикуваат исклучителни грижи за малите и возрасните.“

Италијанските епископи потсетуваат на зборовите на Папата, кој вели дека „едно општество расте силно, добро, убаво и здраво, ако е изградено врз основа на семејството“. „Грижата за другите – како во семејството, така и во училиштето – е онаа која ни го обезбедува хоризонтот за смислата на животот и го изградува општеството како навистина човечко“, истакнуваат епископите.

Во текстот на пораката се набројуваат сите оние дејствија што се противат на животот, наведени од папата Фрањо на средбата со здружението „Наука и живот“: напад врз животот е убедувањето за абортус. Напад врз животот е смртта на работното место, бидејќи не се почитуваат минималните услови за безбедност. Напад врз животот е неухранетоста. Напад врз животот е тероризмот, војната, насилството, но исто така и евтаназијата“.

Оттука и повикот на епископите, во контекст на претстојната Света година на милосрдието, за длабока промена: „Вистинскиот раст во хуманоста се реализира пред сè благодарение на мајчината и татковата љубов, а доброто семејно воспитување е столбот на хуманизмот“.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Свет

За авторот