Исус е мојот пат
Ова е начин на кој Господ ја врати Својата изгубена овца. До неодамна, бев изгубена, меѓутоа како што ни е ветено, ако бараш, ќе најдеш.
До одреден период од својот живот, бев тинејџерка на погрешен пат. Го барав она што чувствував дека ми недостасува, во типични грешки кои денешните млади ги прават.
Се разбира, тогаш сѐ уште не знаев дека Господ веќе долго време чува план кој го има за мене. Како и останатите изгубени, лутав по погрешни места. Би се изолирала од друштвото и така го губев она убавото што Бог ми го поклонил. Секој талент кој ми го избрал така внимателно, со мене се гасеше и стануваше невидлив. Покрај целата конфузија на денешното време, Господ седеше на задното место од моите лошо поставени приоритети. Не ја разбрав вродената љубов спрема Неговото Слово, ниту барав во Него спасение. Не би се сетила на Него во својата радост, но се разбира, беше прва утеха во тагата. И додека така минуваа годините без светотаинско помирување, живеев во уверувањето дека неколку поклонети зборови во мојата соба прават навистина солиден однос на татко и дете. Кога мојата изолираност од црквата, Неговиот дом, и мојата лична мрзеливост, ги достигна границите во кои почна да ме влече надолу, а јас бев на патот на духовна пропаст, Господ ме повика во Својот храм. Иако не со задоволство, тргнав на неделната проповед. Размислувајќи на евхаристијата за сè, само не за најголемата среќа која му е дадена на човекот, за Господовото Слово и љубовта на Бог Отец, жртвата на Неговиот Син како свое спасение нестрпливо гледав на часовникот. А тогаш се случи чудо. Господ го испрати Светиот Дух, го отвори моето срце, и ми дарува духовно крштение, на мојата прва искрена евхаристија преку пастирот и проповедта за Иван Крстител. Господ внимателно го избра пастирот, го вооружи со Својот Дух и пастирот ревносно го проповедуваше Божјото Слово. Тогаш најде место во моето срце. Кога најпосле го отвори, на мојата радост и немаше крај. Моето срце копнееше за секој нов ден, за Словото и Телото Христово.
Парохискиот викар кој беше вистински пастир на своите парохјани, ме поучуваше за Господ и Неговата радосна објава. Оттогаш, секој ден беше нов ден, убав ден, прекрасно сонце кое Господ го дарува на Своите најмили созданија. Господ беше Отец Кој се погрижи ништо да не ми недостига, Неговата љубов го обнови моето срце, а Исус стана мој најдобар пријател. Сега ја сфаќам Божјата жртва, сега ја сфаќам љубовта на Синот и упорно живеам за ветувањето кое ни е дарувано. Токму како во приказната, Господ ја пронајде онаа една непослушна овца, ја врати под закрилата на пастирот и ја осветли со Својата љубов.
Многу млади денес живеат на погрешен пат, барајќи забава во задимените дискотеки, алкохолот и сето она што е штетно. Тие чувствуваат дека нешто им недостига, тие ја познаваат испразнетоста на срцето, меѓутоа она што уште не го знаат е тоа дека Исус отсекогаш бил покрај нив и нема да дозволи да останат изгубени. Во тоа е убавината на Божјата љубов, со било која сила ние да го одбиваме, силата на Неговата љубов ќе биде посилна. Сите ние понекогаш сме се чувствувале изгубено, сме копнееле за љубов, за онаа искрена, чиста и безусловна, сме скренале од патот не знаејќи го можеби најбитниот факт кој може да ни го промени животот, а тоа е дека Исус нема никогаш да нè напушти. Тој се жртвува за нас, Тој го понесе нашиот товар, Тој ги откупи нашите гревови и ние сме веќе спасени со Божјата милост. Она што можеме да го направиме за себе е да избереме. Кој е нашиот пат? Јас сум сигурна, смирена во Божјите раце, бидејќи сега знам, Исус е мој пат.
Лаудато / С.С.