Источните патријарси ќе го придружуваат Папата на патувањето по Блискиот Исток

За време на претстојното патување во Јордан, Израел и Палестина кон крајот на мај, папата Фрањо ќе биде придружуван од страна на католичките патријарси. Своето присуство го најавија гркокатоличкиот, маронитскиот, сирискиот, коптскиот и ерменскиот католички патријарх, соопштено е во недела 11 мај во Ерусалим од страна на Комисијата за подготовка на посетата на Папата. Тие заедно со папата Фрањо на 24 мај ќе служат Литургија на стадионот во јорданскиот главен град Аман.

Дел од патријарсите, според соопштението, ќе го придружуваат Папата во Витлеем и ќе присуствуваат на екуменската средба во базиликата на Светиот Гроб во Ерусалим.

Интензивна расправа поттикна патувањето на либанскиот маронитски патријарх, кардиналот Бехар Раи. Критичарите му приговараат дека со својата посета на Ерусалим како маронитски патријарх ги нормализира односите со државата Израел, првпат од нејзиното формирање.

Палестинскиот претседател Махмуд Абас ја поздрави најавената средба со Раи и ја нарече допринос во зајакнувањето на арапскиот карактер на Ерусалим и Палестина, како и допринос на муслиманско-христијанското братство. Меѓутоа, посетата не претставува нормализација на односите со Израел, додаде Абас.

Веќе и во 2009 година папата Бенедикт XVI за време на своето патување на Блискиот Исток се сретна со претходникот на Раи, Насралах Сфеир во јорданскиот Аман, со цел да се избегнат дипломатските компликации.

В.Н.

Категорија: Ватикан

За авторот