Изјава на патер Ломбарди за новиот напад во црква во Франција
Нова страшна вест, која за жал се придодаде во низата насилни случувања овие денови предизвикувајќи неизмерна болка и загриженост – така патер Ломбарди, директор на Канцеларијата за печат при Светиот Престол, го прокоментира нападот во црквата во Сен Етјен ду Рувре, во Франција. Двајцата напаѓачи го убија стариот свештеник пресекувајќи му го вратот и за заложници зедоа две часни сестри и повеќе други лица. Двајцата напаѓачи се убиени откако полицијата упадна во црквата, а барем еден од заложниците е во тешка состојба.
Францускиот претседател Франсоа Оланд потврди дека се работи за терористички напад и дека двајцата напаѓачи се заколнале на верност на самопрогласената Исламска држава. Ангенциите јавија дека барем еден од напаѓачите бил познат на француските безбедносни служби и дека бил надгледуван од противтерористичкото одделение.
„Ја следиме ситуацијата и чекаме понатамошни информации како подобро би сфатиле што се случило“ – изјави патер Ломбарди. „Папата е информиран и сочувствува во болката и ужасот поради тоа апсурдно насилство, со најрадикална осуда на секој облик на омраза како и со молитва за погодените лица“. Особено сме погодени бидејќи ова ужасно насилство се случи во црква, свето место каде се навестува Божјата љубов“ – рече портпаролот на Папата, изразувајќи ја близината на Светиот Отец со Црквата во Франција, со надбискупијата во Руен и со целиот француски народ.
Воскликнувам кон Бога со сите луѓе со добра волја. Би ги повикал неверниците да се придружат кон тој крик – изјави месниот надбискуп, монс. Доминик Лебрун, кој се враќа во Франција од Светскиот ден на млади во Краков. „Католичката Црква не може да земе друго оружје освен молитвата и братството меѓу луѓето. Оставам зад себе стотини млади кои се вистинска иднина на човештвото. Ги молам да не попуштат пред насилството и да станат апостоли на цивилизацијата на љубовта“ – рече надбискупот.
РВ/к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк