Зошто човекот треба да се бори?
Познатиот писател, поет и добитник на Нобеловата награда за литература Пабло Неруда вели дека е забрането да не се бориш за она што го сакаш, да се откажаеш од сè заради страв и соништата да не ги претвориш во реалност.
Мислам дека секој по себе си знае дека ова е навистина тешко. Често ќе се откажеме заради страв, заради недостаток на доверба или затоа што некои други сакаат – можеби добронамерно – да нè заштитат од некои – според нив – можеби погрешни идеи. Младиот човек нема да ги вложи парите во започнување на бизнис или нема да вложи труд во таа врска, брак или пријателство бидејќи се плаши од разочарување, пречки и можните пoследици. Ако гледаме реално тоа е сосема оправдано. Стравот и грижите се дел од нашиот живот, но не смеат никогаш да добијат престоли на кои ќе вршат диктаторска служба.
Но, сепак има доволно примери кога оние кои ризикувале на крајот биле добитници, додека оние кои се плашеле од ризикот подоцна жалеле заради пропуштените можности. Човекот треба да верува – како што би кажал големиот филозоф Серен Кјеркегор – да се направи скок во верата. Има една приказна за рабинот кој седел со луѓето на маса. Им велел: „Јас сум потполно сигурен дека моите следбеници секогаш го прават тоа што им го наредувам.“ Еден од присутните зачуден прашал како може да биде толку сигурен. Одговорил рабинот: „Бидејќи им наредувам само она што се во состојба да го исполнат.“
Бог никогаш нема да ни даде нешто што ние не можеме да го исполниме, нешто со кое би ја изгубиле косата и животот, бидејќи Бог не си игра со своите деца. Он нема да ни даде нешто ако во друг момент би ни го одземал. Како е тоа кај нас луѓето? Ако му дадам некому дар, нема во другиот момент веднаш да му го одземам со зборовите: Ах, не, не си заслужил. Или: Ти не си во можност, односно тоа не е за тебе. Дарот е дар. А Бог го дарува секогаш најдоброто за нас, во таа ситуација. Како овој рабин, Бог го дава тоа што можеме да го исполниме. Ако тоа ни изгледа и невозможно, треба да се потсетиме дека имаме најдобар Отец и пријател, Бог семоќен за кој не постои конструкцијата „невозможно“.
„Ти си Бог Кој чудеса создаваш“ пишува псалмистот „на народите си им ја покажал силата своја“ Бог ни дава многу, бидејќи можеме многу. Заедно со Него можеме да остваруваме многу чуда, но само тогаш ако сме подготвени како Марија да го кажеме она искреното „да“. Еве нека ми биде според зборовите твои. А неговиот збор е: Можеш! Можно е! Тргни со тебе сум!
Марио Трифуновиќ/ к.мк/Д.И.