Да се научи напамет некоја молитва значи да ја научиме со срце, а не како папагали, без значење, туку со љубов и разум. Молитвата не се учи како школска лекција. Молитвата се учи молејќи.
„Ајде да го научиме нашето дете на молитва на мајчин јазик “, пишува кардиналот Даниелс. „Да го научиме на вообичаени молитви, со повторување на мали реченици, дури и ако детето прави грешки. Ако тоа не го правиме, детето ќе биде беспомошно, нема да знае ниедна молитва кога ќе ја почувствува потребата да му се обрати на Бога. Да не сум научил такви молитви, имаше денови кога нема да знаев како да се молам. Со полна глава грижи и без Bројаница не може да се стигне далеку. Кога еден човек е заморен, зошто понизно да не се препушти на познатите молитви? “
Оче наш
Оче наш е молитва. „Без оглед на зборовите што ги изговараме во нашата молитва (…), ако е таа вистинита и соодветна, ние не зборуваме ништо, туку она што е веќе се содржи во Оче наш. Во молитвите на светците нема да најдете ништо што не е веќе содржано во оваа молитва, и ако се чувствувате слободни да ја обликувате на друг начин, нема да можеш да молиш нешто друго”. Првата молитва што децата ќе ја научат ќе биде Оче наш. Не разбираат што зборуваат? Сигурно не разбираат сè, но многу рано можат да ја разберат суштината: дека Бог е нивниот Отец. Таа молитва меморирана напамет ќе се втисне во нив, во нивното срце, во нивните умови и ќе ги храни целиот нивни духовен живот.
Радувај се Маријо
Радувај се Маријо е најубавата молитва упатена на Марија, бидејќи ги зема зборовите на самиот ангел. Ако ја научиме во детството, засекогаш останува прстен на спасение во деновите на тага. Таа е светлината што сјае кога владее густа темнина, јажето што го земаме за да излеземе од провалијата на своите гревови и наједноставниот начин да ја изразиме нашата љубов. Да ги научиме децата на Радувај се Маријо и нека им стане навика така да ја поздравуваат својата Мајка, за да може да и се доверат, да се фрлат во нејзина прегратка и во неа да најдат одмор и утеха. Континуираното повторување на Радувај се Маријо во Бројаницата не е дрдорење; кога дете ни се фрли во рацете и ни повторува: „Мамо, те сакам”, никогаш нема да кажеме дека е дрдорење. Исто така е и кога молиме Бројаница.
Симболот на верата
Постојат многу други молитви кои можат да се запомнат: Симболот на верата е израз на нашата доверба, на нашето припаѓање на Тројството Божјо и јасен преглед на верата на Црквата; „дело на верата, надежта и љубовта”, „чин на покора” и „чин на покајание”, како и „се исповедувам”; псалми и библиски песни; кратки молитви како што се: „Исус, Сине на Живиот Бог, помилуј ме мене грешникот” – сите овие текстови, особено ако станува збор за молитвите се превземени од Светото Писмо, како ризница која секогаш ќе ја храни нашата молитва.
Да се научи молитва значи да се научи со срце, а не како папагали, без значење, туку со љубов и разум. Молитвата не се учи како школска лекција. Молитвата се учи молејќи. Детето многу рано ги совладува овие текстови, особено додека ги слуша своите родители секоја ноќ како на неговата постела молат Оче наш и Радувај се Маријо. Еден ден, иако никогаш не ги „научил” во училишна смисла на зборот, детето ќе знае како да ги користи овие зборови во молитва исто како што може да го користи својот мајчин јазик, кој никогаш не го „учел” како јазик.
Тишина
И тишината е мајчин јазик на молитвата. Бог, кој се открива низ зборовите, ни зборува и преку тишината. Во тоа е целата тежина и целокупната големина на молитвата: тежина – затоа што е „суво” да се сретне некој кого нашите сетила не можат да го достигнат, големина – затоа што „Тој Некој” е поголем од нашите зборови и затоа што нашата тишина проникнува во Непроникливиот, или подобро, му дозволува Нему да проникне во нас. Затоа и тишината е мајчин јазик на молитвата, како и сè останато, децата ја откриваат угледувајќи се на нивните родители, гледајќи ги како стојат во тишина пред Бога. Да се научи детето да остане во тишина не значи да му се каже: „Молчи!”, туку: „Слушај!”
Зборовите на молитвата немаат друга цел освен да ни овозможи да обрнуваме внимание на Оној кој доаѓа да не љуби.
Christine Ponsard/к.мк/Кате М.