Португалските власти објавија дека до јули ќе ги одобрат веќе поднесените барања за азил. Пофалби од Меѓународната организација за миграции
Сите сме на ист брод и никој не се спасува сам – се некои од мислите кои папата Фрањо ги изнесе за време на молитваа на плоштадот Свети Петар во петок на 27 март 2020 година. Човечката кршливост е видлива за секого и секој е повикан не само да се соочи со неа, туку пред сè да ја препознае. Во таа смисла подеднакво е важно и неопходно да се признаат правата на најслабите членови на општеството како што се на пример барателите на азил, од кои некои веќе долго чекаат на одобрување на барањата, кои меѓу другото би им го обезбедиле правото на здравствена заштита.
Португалија на тој начин објави дека, барем до 1 јули годинава ќе даде одобрение на сите подносители на барањата на азил за да им се гарантира здравствена заштита за време на пандемијата. На тој начин на странците ќе им биде овозможен пристап до сите јавни услуги, како и барање работа и живеалиште, без прибегнување кон црниот пазар.
Ричард Данзигер, регионален директор на Меѓународната организација за миграција, и честиташе на португалската влада за таа одлука и порача дека луѓето не треба да бидат лишени од правото на здравство и јавни услуги само затоа што нивното барање сè уште не било обработено. Освен тоа, тој истакна дека во овие исклучителни времиња на мигрантите треба да им се гарантираат нивните права. Со почит кон основните права на мигрантите, втора причина за одобрување на барањата за азил е фактот дека во време на пандемија, секоја влада мора да го следи бројот на заразени. Затоа Лисабон се одлучи на овој чекор исто така за да ги избегне вонредните сиуации предизвикани од недостаток на податоци.
Ватикан њуз/ к.мк