Свети Хосемарија вели: „Великиот пост денес ни го поставува тоа одлучувачко прашање: Дали растам во својата верност кон Христос, во својата потреба за светост? Го живеам ли јас отворено апостолатот во секојдневието, во својата обична работа, помеѓу своите колеги на работа? Секој кој во својата душа го бара одговорот на оваа прашање ќе согледа дека е потребно обновено преобраање, за да може Христос да живее во нас, и неговата слика неискривена да се одразува во нашето однесување.“ (Средба со Христос, 58)
Еве некои често поставувани прашања за Великиот пост со одговори кои можат да ни помогнат подлабоко да го сфатиме на значењето на Литургијата во времето на Великиот пост.
Што е Великиот пост? Кога христијаните започнале да го одбележуваат Великиот пост? Што значи Великиот пост?
Великиот пост е време од четириесет дена во кое Црквата се подготвува за Великата недела и Воскресението. На него се гледало како на време на покора и обнова на целата Црква, со пост и умртвување, веќе од четвртиот век.
„Црквата секоја година со четириесетдневниот Велики пост се соединува со Исусовото таинство во пустината.“ Катехизам на Католичката Црква, 540
Црквата пред нас го става примерот на Христос во пустината за да можеме со Него да се подготвиме за славење на маките и Воскресението прочистувајќи ги нашите срца, сериозно сфаќајќи го својот христијански живот и живеењето на покората.
Размислување за таинството
Во овој Велики пост мораме да гледаме како нешто повеќе, а не само како некое време, кое во литургиската година по правило повторно се враќа. Тој момент е неповторлив, тој е божествено давање на помош, кое треба да се прифати. Исус пристапува на наша страна и очекува од нас – овде и сега – да се промениме. Средба со Христос, 59
Кога започнува и кога завршува Великиот пост? Кои се деновите на покора? Што треба да правиме на петок во Великиот пост?
Великиот пост започнува на Чиста среда – Пепелница (Чист понеделник н.з.) iи завршува на Велигден (…) Времето и деновите на покора во текот на литургиската година (време на Великиот пост и секој петок во спомен на смртта Господова) се силни моменти на покорничка пракса во Црквата. Ова времиња се соодветни за духовни вежби, покорнички славења, ходочастие во знак на покора, своеволно одрекување како пост и милостиња, како и братска распределба на добрата (креативни мисионерски дела). Катехизам на Католичката Црква 1438
Како спомен на денот кога Исус Христос умрел на крстот, треба сите петоци да ги почитуваме не консумирајќи месо или некои други јадења кои ги одредува бискупската конференција (…) CIC 1251
Размислување за таинството
Еве доаѓа гласот на Добриот Пастир: ego vocavi te nomine tuo, со твоето име те повикав. А ние мора да одговориме возвраќајќи на љубовта на љубов: ecce ego quia vocasti me (1 Цар 3, 9) – Ти ме повика, овде сум, со цврста одлука дека овој пост нема да помине без трага, да потече како вода преку карпа.. Сакам да се променам, повторно да се обратам кон Господа и да Го љубам како што тој сака да биде возљубен. Средба со Христос 59
Што е Пепелница? Кога започнал обичајот со пепелта? Кога пепелта се благословува и се дели? Од каде доаѓа таа пепел? Што значи?
Пепелница е почетокот на Великиот пост, тој е ден на посебна покора, кога христијаните ја покажуваат својата желба за преобраќање. Попрскување со пепел е повик на живеење на Великиот пост, свесно и интензивно учествување во Исусовото пасхално таинство, во неговиот крст и воскресение, учествување во Евхаристијата и живеење живот на милосрдие. Попрскувањето со пепел води потекло од раните облици на канонска покора. Во десетиот век се раширило кај сите христијани. Литургијата на Пепелница го сочувала елементите на оваа долга традиција на попрскување со пепел и строг пост.
Пепелта се благословува и се поделува на светата Литургија, по проповедта. Во посебни околности тоа може да се направи во текот на Службата на Словото. Молитвата во текот на попрскувањето со пепел поттекнуваат од Светото Писмо: Книга Битие 3, 19 и од Евангелието според Марко. Пепелта доаѓа од палмини гранки кои се благословени на Цветници претходната година, и тоа според традиција која датира од дванесетиот век. Молитвата на благоловот на пепелта се однесува на грешната состојба на оние кои ќе ја примат пепелта. Пепелта ја симболизира слабата и минлива состојба на нашиот живот на земјата, додека патуваме кон смртта; фактот дека сме грешници; нашата итна потреба за Божјото доаѓање и неговата помош; и воскресението затоа што судбината на нас грешниците е учество во Христовата победа.
Размислување за таинството
Колку што повеќе сакаш да му припаѓаш на Христос, толку повеќе милости ќе добиваш за своето делување на земјата и за своето вечно блаженство. Но, мораш да се одлучиш да појдеш по патот на предаваност: крстот на твоите рамења, на твоите усни – насмевка, а во твојата душа – светлина. Крстен пат II
На што нѐ повикува Црвката во Великиот пост?
Црквата верниците ги повикува во Великиот пост да направат еден вид духовна обнова, жртва и покора; покората која Црквата ја бара е минимална, а ние, слободно и великодушно, можеме да додадеме повеќе.
Ако во оваа време живееме добро, се подготвуваме за вистинско, длабоко лично преобраќање, за да можеме да бидеме подготвени за најголемиот празник во црковната година: неделата на Воскресението, денот на воскресението на нашиот Господ.
Размислување за таинството
Насекаде околу себе ја забележуваме атмосферата на страв пред крстот, пред Господовиот крст. Згора на тоа, сите непријатности во животот започнале да се нарекуваат крстови и не се носат на начин како деца Божји и со натприроден поглед. Тоа оди и толку далеку што дури и од патиштата се тргнуваат крстовите, кои таму ги поставиле нашите дедовци…!
Со Исусовата мака, крстот престанал да биде симбол за казна, а се претвори во знак на победа. Крстот го одликува Откупителот: In quo est sa us, vita et resurrection nostra; таму е нашиот спас, нашиот живот и нашето воскресение. Крстен пат II
Што е покора? На кој начин се изразува покората во христијанскиот живот?
Покората доаѓа од латинскиот paenitentia, на грчки во превод metanoia, во Библијата се користи за означување на преобраќањето на грешникот кон Бога. Означува цел сет на внатрешни и надворешни дела кои се извршуваат како откуп за направениот грев и состојба во која гревот го напушта грешникот. Литературно, покората значи промена во животот, покора или обраќање користи грешникот кој се враќа кон Бог откако се оттргнал од Него, или неверникот кој ја пронаоѓа верата.
Внатрешната покора на христијанинот може да поприма различни изрази. Светото Писмо и оците посебно ги истакнуваат трите облици: пост, молитва и милостиња – затоа што изразуваат преобраќање во однос кон самиот себе си, во однос кон Бога и во однос кон другите. Освен тоа, темелното очистување кое се случува при Крштението или со мачеништво, овие облици, како средства за постигнување на простување на гревот, го назначуваат напорот превземен во вид на помирение со својот ближен, покорнички солзи, грижа за спас на ближниот, застапувањето на светците и вршење љубов која „покрива мноштво гревови“ (1Пт 4, 8).
Покората може да се прави на различни начини, но пред сѐ со: пост, молитва и добри дела. Овие и бројни други облици можат да се практикуваат во секојдневниот живот на христијанинот, посебно во текот на Великиот пост и петок.
Размислување за таинството
Да се преобратиш е работа на еден, единствен момент, да се посветиш е работа за цел живот. Божественото семе на љубовта, кое Господ го положил во нас, сака да расте, сака да се одразува во делата и да донесува плодови кои му се мили на Бог во секое време. Затоа мораме да бидеме подготвени за нов почеток, и во секоја нова ситуација која животот ја става пред нас, повторно да го откриеме светло и сила на првото преобраќање, подготвени со темелен испит на совеста да се подготвиме и Господа да го замолиме за помош за да можеме и Него и себе подобро да се запознаеме. Нема друг пат ако сакаме повторно да се преобратиме. Средба со Христос 58
Што е преобраќање? Зошто крстените треба да се преобратат?
Преобраќањето значи повторно да се пронајде утеха во Бог, да се оттргнеме од злото, повторно да го воспоставиме своето пријателство со Создателот. Значи покора и исповед за сите гревови, вклучувајќи ги и сите нашите смртни гревови. Кога повторно сме вратени во состојба на милост (без смртни гревови на совеста), треба да одлучиме внатрешно да се поправиме, да го промениме својот став кон сѐ она што не му е угодно и го навредува на Бога.
Тоа второ преобраќање е трајна задача на целата Црква, која „во своето крило ги опфаќа грешниците“ и која „во исто време е света и секогаш и е потребно чистење, постојано да врши покора и обнова“. Тоа настојување околу преобраќањето не е само човечко дело: движењето е на „раскајаното срце“ (сп. Псалм 50, 19), што милоста го привлекува и поттикнува да одговори на милосрдната љубов на Бог кој нас прв нѐ љуби.
Да се живее со Бог е исто така и смелост, зато што Господ не сака ништо да дели; Тој сака сѐ. Да се приближиш кон Него значи да бидеш подготвен за ново преобраќање. Катехизам на Католичката црква, 1428
Размислување за таинството
Почна Великиот пост, време на покора, очистување, преобраќање. Оваа задача не е лесна. Христијанството не е некој удобен пат: не е доволно да се припаѓа на Црквата, а потоа едноставно да се пушти да поминуваат година по година. Првото преобраќање – единствен незаборавен момент, во кое јасно сме спознале што Бог очекува од нас – многу е важно во нашиот живот, во животот на христијанинот; но уште поважни и потешки се сите други преобраќања кои следат после првото. И за да го олеснеме делувањето на милостите во тие подоцнежни преобраќања, мораме да ја сочуваме душата млада, мораме да го повикуваме Господ, мораме да знаеме да слушаме за да можеме во себе да ги откриеме лошите работи и за да можеме да молиме за простување. Средба со Христос, 57
Нашето срце само тогаш ќе се исполни со мир кога сме уверени дека Бог нѐ услишал и дека Тој е тука заради нас. Но да се живее со Бог исто така е и смелост, затоа што Бог не сака ништо да дели; Тој сака сѐ. Нему да се приближиш значи да бидеш подготвен за ново преобраќање и за поправање на животот, да се биде подготвен за внимателно сослушување на неговите вдахновенија, свети желби кои Тој во нашата душа ги буди, и да се биде подготвен да се спроведат на дело.
Како можам да ја изразам својата желба за преобраќање?
На бројни и различни начини можеме да ја изразиме својата желба за преобраќање, но секогаш вклучувајќи ги и делата на преобраќање како: светата Тајна исповед; надминување на различностите; простување; продлабочување на духот и пракса на братството; дела на милосрдие.
Размислување за таинствата
Ти советувам да се вратиш назад… на почетокот на своето прво преобраќање: во духовниот живот е потребно да се препуштиш на водење со целосна доверба, без страв и дволичност; мора да се разговара со потполна јаснотија за сѐ што се има во главата и душата. Бразда, 145
Што се должни католици да прават во текот на Великиот пост? Од што се состои постот и покората? Кој треба да пости? Можат ли постот и покората да се променат?
Католиците треба да ја исполнат заповедта за постот и немрсењето (…). Постот се состои во тоа во денот да се има само еден оброк, иако е исто така дозволено да се јаде во помала количина од вообичаеното наутро и навечер. (…) Бискупската конференција може поточно да го одреди почитувањето на постот и немрсењето, како и други замени во облик на покора, посебно за делата на милосрдието и вежби за побожност, целосно или делумно како замена за постот и не мрсењето. (CIC, 1253)
Размислување за таинството
Треба да се одлучиме. Во нашиот живот не може да горат оние две свеќи кои – како што народот вели – секој човек има: една за светиот Михаил, а друга за ѓаволот. Свеќата на ѓаволот мораме да ја изгасиме, целиот наш живот мораме да го трошиме на тој начин да изгори целиот во служење на Господ. Ако нашето залагање за светоста е искрено, а ние сме доследно расположени да се препуштиме на Божјата рака, сѐ ќе биде во ред. Затоа што Тој е секогаш подготвен да ни ја дарува својата милост, а посебно сега во милоста на новото преобраќање, облагородување на нашиот христијански живот. Средба со Христос, 59
Кое е значењето на постот и не мрсењето?
Треба да внимаваме постот и немрсењето да не се обидуваме да ги одбегнуваме, туку да ги минеме како личен начин со кои нашата мајка Црква ни помага да го подигнеме нашиот дух во вистинска покора. Исусовиот повик на преобраќање и покора, не се однесува првенствено на надворешниот дел, на „вреќите и пепелта“, постот и умртвувањето, туку на преобраќањето на срцето, на внатрешната покора. Покорничките дела остануваат без неа неплодни и лажни; внатрешното преобраќање, напротив, копнее да го изрази тој став на видливи знаци, движења и дела на покора. Катехизам на Католичката црква, 1430
Размислување за таинството
Во Новиот завет Исус го појаснува големиот идеал на постот, осудувајќи го ставот на фарисеите кои скруполозно ги извршувале заповедите на законот, а чии срца биле далеку од Бог. Вистинскиот пост, како Божанскиот Учител што објаснува во друга прилика, значи да се врши волјата на Небескиот Отец, Кој, „гледа во тајност и ќе те награди јавно“ (Матеј 6,18). Папа Бенедикт XVI, Порака за Великиот пост 2009).
Опус деи/к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк