Папската швајцарска гарда потврди дека традиционалната заклетва за најновите гардисти ќе биде одржана во октомври, но без гости. Нема да бидат присутни нивните родители и роднини, ниту пак претставници на швајцарските кантони, со цел да се почитуваат одредбите за заштита од заразата КОВИД – 19.
Папската швајцарска гарда, која е составена од млади војници и службеници во служба на безбедноста на Папата и неговата резиденција, на 4 октомври ќе дадат заклетва 38 нови гардисти, но зад затворени врати и без гости, со согласност одредбите за заштита како би се избегнала заразата со КОВИД – 19. Првично церемонијата требаше да се одржи на 6 мај.
Младите гардисти веќе со векови ветуваат верност на Папата, на денот кога е споменот на 147 гардисти кои загинале за време на грабежот на Рим во 1527 година заштитувајќи го папата Клемент VII од нападите на германските ограбувачи. Оваа година ќе има и директен телевизиски и интернетски пренос од овој единствен настан, се истакнува во соопштението од Штабот на Папската швајцарска гарда.
Во недела 4 октомври гардистите ќе присуствуваат на свечената света Литургија со почеток во 7.30 часот во базиликата Свети Петар, а не во црквата свети Мартин и Севастијан, како што досега беше обичај, затоа што е премала за одржување на потребната оддалеченост меѓу учесниците. Во 17.00 часот во дворот свети Дамас ќе се одржи свечената заклетва.
Прв услов да се стане член на Папската швајцарска гарда, која од 1506 година го штити Папата и неговите резиденции, е да се биде швајцарски државјанин. Кандидатите исто така мора да бидат неоженети мажи на возраст помеѓу 19 и 30 години, високи најмалку 174 сантиметри и лица со беспрекорна репутација. Ако гардистот сака да се ожени треба да има најмалку 25 години, да биде во служба барем 5 години и обврска дека ќе остане уште најмалку 3 години. Пред да влезе во питомската школа во Швајцарија треба да изврши низа лекарски прегледи. За време на формацијата гардистите се подложни на други лекарски контроли, како и психофизичко тестирање.
Ватикан њуз/к.мк