Заедничка порака на папата Фрањо и патријархот Вартоломеј

Заедничка порака на папата Фрањо и патријархот Вартоломеј

Нашето човечко достоинство и благосостојбата длабоко се поврзани со нашата грижа за целокупното создание – стои во заедничката порака на папата Фрањо и екуменскиот цариградски патријарх Вартоломеј по повод Светскиот ден на молитвата за грижа за создадениот свет.

Светото Писмо ни открива дека „во почетокот“ Бог сакаше човештвото да соработува во зачувувањето и заштитата на природната средина. (…) Земјата ни беше доверена како возвишен дар и наследство, за кое секој од нас има одговорност додека „во полнотата на времето“, сѐ небесно и земно не се обнови во Христос (Ефес. 1, 10). Нашето човечко достоинство и благосостојбата длабоко се поврзани со нашата грижа за целокупното создание – стои во заедничката порака на папата Фрањо и екуменскиот цариградски патријарх Вартоломеј по повод Светскиот ден на молитвата за грижа за создадениот свет. Тоа е прв пат тие двајца да пишуваат заедно на таа тема.

Но, во меѓувреме – стои понатаму – историјата на светот ни преставува исклучително поинаков контекст. Ни покажува сценарио на морално пропаѓање, во кое нашиот став и однесување кон создадениот свет го засенува нашето послание како Божји со-работници. Нашата склоност да ги нарушуваме чувствителните и избалансирани екосистеми на овој свет, нашата назаситна желба да манипулираме и контролираме со ограничените ресурси на планетата, и алчноста за неограничен профит на пазарот – сето тоа нѐ отуѓи од почетната цел на создавањето. Ние повеќе не ја почитуваме природата како заеднички дар, туку повеќе ја сметаме за приватна сопственост. Повеќе не се поврзуваме со природата за да ја сочуваме, туку да господариме со неа, за да ги поддржуваме нашите творби.

Папата и патријархот предупредуваат дека последиците на тој алтернативен поглед на светот се трагични и трајни. Човековата и природната околина пропаѓаат заедно, а таа деградација на планетата го притиска најранливото население. Влијанието на климатските промени посебно ги погодува оние кои живеат во сиромаштво. Нашата должност за одговорно да ги користиме земските добра подразбира препознавање и почитување на сите луѓе како и на секое живо битие. Итниот повик и предизвик да се грижиме за создаденото е повик целокупното човештво да работи на одржлив и целосен развој.

Според тоа, обединети во општата грижа за Божјото создание и препознавајќи ја земјата како заедничко добро, ги повикуваме сите луѓе со добра волја на 1 септември да посветат дел од времето за да се помолат за животната средина. По тој повод сакаме да му се заблагодариме на нашиот Создател за благородниот дар на создавањето и ветуваме дека ќе се залагаме за грижата и зачувувањето на создадениот свет заради доброто на идните генерации. Меѓу останатото – стои понатаму во пораката – знаеме дека работиме залудно ако Господ не е со нас, ако молитвата не е во центарот на нашето размислување и славење. Навистина, една од целите на нашата молитва е да се промени начинот на кој го сфаќаме светот за да го промениме начинот на кој се однесуваме кон светот. Целта на нашето ветување е да бидеме храбри во прифаќањето на поголема едноставност и солидарност во нашите животи.

Папата Фрањо и патријархот Вартоломеј на крајот апелираат до сите оние на позиции со општествени и економски одговорности, како и политички и културни, за да се слушне крикот на земјата и да се погрижат за потребите на маргинализираните, но пред сѐ за да одговорат на молбата на милионите луѓе и да го поддржат светскиот консензус за лекување на нашиот ранет создаден свет. Уверени сме дека не можеме да постои искрено и трајно решение за предизвикот на еколошките кризи и климатските промени, освен ако одговорот не е усогласен и заеднички, освен ако одговорноста не се подели, освен ако не дадеме предност на солидарноста и служењето – стои во заедничката порака.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот