Заедничка декларација на папата Фрањо и Вселенскиот патријарх Вартоломеј I

Папата Фрањо и екуменскиот патријарх Вартоломеј после приватниот разговор, на 25 мај потпишаа заедничка изјава во која ветуваат дека ќе продолжат по патот на единство меѓу Католичка и Православна Црква.

Во заедничката изјава Папата и патријархот истакнуваат дека нивната должност е заеднички да работат на заштита на човечкото достоинство и семејство, како и градењето на праведно и хумано општество, во кое никој нема да се чувствува исклучен. Исто така е истакната потребата за зачувување на создаденото и правото на верска слобода. Двајцата поглавари изразија загриженост за положбата на христијаните во судирите на Блискиот Исток и ја истакнаа итноста во потрагата за опростување и единство на човечкото семејство.

Средбата е одржана по повод 50 годишнината од историскиот настан помеѓу папата Павле VI и патријархот Атенагора во 1964 година. Декларацијата ја објавуваме во целост.

1. Како и нашите преподобни претходници, папата Павле VI и Вселенскиот патријарх Атенагора, кои се сретнаа овде во Ерусалим пред педесет години, така и ние, папата Фрањо и Вартоломеј, Вселенскиот патријарх, побаравме да се сретнеме во Светата Земја, „каде нашиот заеднички Спасител, Христос Господ, живеел, поучувал, воскреснал и се вознесол на небото, каде го испратил Светиот Дух врз Црквата што се раѓа (Заедничкото соопштение на папата Павле VI и патријархот Атенагора објавена по нивната средба на 6 јануари 1964 година). За нас, оваа средба, која е уште една средба на епископите на Римската и Константинополската црква основани на двајцата браќа апостоли Петар и Андреј, е извор на силна духовна радост и ни нуди можности за размислување врз длабочината и автентичноста на постоечките наши односи, плод на еден долг пат исполнет со благодати, по кој Господ нè води, уште од оној благословен ден пред педесет години.

2. Денешната братска средба е нова и претставува неопходен чекор на патот кон единството кон кој може да нè води само Светиот Дух: единство во законска различност. Со искрена благодарност си спомнуваме за чекорите кои ги озвоможи Господ да бидат направени на тој пат. Прегратката меѓу папата Павле VI и патријархот Атенагора, овде во Ерусалим, по многувековното молчење, го подготви патот на еден гест со исклучителна вредност: бришење од меморијата и од Црквата на одлуките за меѓусебна анатема од 1054 година. Следеа размена на посети на соодветните седишта во Рим и Истанбул, зачестени контакти и одлука на папата Иван Павле II и патријархот Димитриос, и на двајцата вечен помен, да започнат теолошки дијалог за вистината меѓу католиците и православните. Во овие долги години, Бог, изворот на мир и љубов, нѐ научи да се почитуваме како членови на едно христијанско семејство, обединето од страна на Единиот Господ и Спасител, Исус Христос и да се љубиме едни со други, и да ја исповедаме нашата вера во Евангелието на Христос, така како што е добиено од Апостолите, изразено и предадено од Вселенските Собори и од Оците на Црквата. Со полна свесност дека не сме ја постигнале целта за целосно единство, денес ја изразуваме нашата желба да продолжиме заедно кон единството за кое Христос Господ молеше од Отецот, „сите да бидат едно“ (Иван 17,21).

3. Свесни дека ова единство се манифестира во Божјата љубов и во љубовта кон ближниот, жеднееме за денот во кој конечно ќе можеме заедно да учествуваме на евхаристиската трпеза. Како христијани, имаме задача да се подготвиме за добивањето на овој дар на евхаристиско единство, според учењето на свети Иринеј Лионски, преку исповедањето на единствената вера, постојаната молитва, внатрешното преобраќање, обновениот живот и братскиот дијалог. Со постигнување на оваа цел кон која се насочени нашите надежи, ќе ја покажеме пред светот Божјата љубов, на тој начин ќе бидеме познати како вистински ученици на Исус Христос (Иван 13,35 ).

4. За таа цел, фундаментален придонес во потрагата по целосно единство меѓу католиците и православните нуди теолошкиот дијалог, воден од страна на Мешаната меѓународна комисија. Во времето на папите Иван Павле II и Бенедикт XVI и на Патријархот Димитриос, нашите теолошки средби имаа значителен напредок. Денес ја изразуваме нашата висока оценка за постигнатите резултати, како и за постоечките напори. Не станува збор за чисто теоретска практика, туку за остварување во вистината и милосрдието, што бара подлабоко запознавање на традициите, за да се разберат и да учиме од нив. Затоа, уште еднаш потврдуваме дека теолошкиот дијалог не бара минимален вкупен теолошки именител врз кој ќе биде направен компромис, туку се базира на продлабочувањето во вистината која Христос ја остави на неговата Црква и која ќе се разбере подобро преку Светиот Дух. Заедно изјавуваме дека нашата вера во Господ бара братска средба и вистински дијалог. Ова општо барање нема да нѐ оддалечи од вистината, туку, преку размената на даровите, ќе нѐ упати, под водството на Светиот Дух, кон целата вистина. (Иван 16,13).

5. Сѐ уште чекорејќи кон целосно единство, уште од сега имаме должност да понудиме заедничко христијанско сведоштво во Божјата љубов кон сите, работејќи заедно во служба на човештвото, посебно што се однесува за заштитата на човековото достоинство во секоја фаза на животот и светоста на семејството засновано на бракот, промоција на мирот и општото добро, одговор на сиромаштијата во сите форми, кои продолжуваат да го мачат нашиот свет. Признаваме дека треба постојано да се одговара на гладот, сиромаштијата, неписменоста, нееднаквата распределба на добрата. Наша должност е да вложиме напори за општа изградба на едно праведно и хумано општество во кое никој нема да се чувствува исклучен или отфрлен.

6. Длабоко сме убедени дека иднината на човечкото семејство зависи од вештината да го чуваме мудро и нежно, фер и непристрасно, создаденото што ни е доверено од Бог. Го признаваме покајнички неправедното користење на нашата планета, што е грев пред очите на Бог. Ја потврдуваме нашата одговорност и должност да ја потхрануваме смиреноста и умереноста, за да можат сите да ја почувствуваат потребата за почитување на создаденото и за внимателно чување на истото. Заедно ги изразуваме нашите напори за будење на свеста за зачувување на создаденото; ги повикуваме сите мажи и жени со добра волја да бараат начини за да се живее со мали трошоци и поголема умереност, покажувајќи помалку алчност и повеќе благородништво за заштита на светот создаден од Бога и за доброто на неговиот народ.

7. Истотака постои итна потреба за делотворна и ефикасна соработка меѓу христијаните со цел да се задржи насекаде правото да ја изразат сопствената вера и да бидат третирани праведно при промовирањето на придонесот кој христијанството продолжува да го нуди на општествата и современата култура. Затоа ги повикуваме сите христијани да го поттикнуваат автентичниот дијалог со јудазимот, исламот и другите религиозни традиции. Рамнодушноста и меѓусебното непочитување водат само до недоверба и за жал, дури до конфликт.

8. Од светиот град Ерусалим, ја изразуваме нашата длабока загриженост за положбата на христијаните на Блискиот Исток и за нивното право да останат полноправни граѓани во нивните матични земји. Со доверба ја упатуваме нашата молитва кон Семоќниот и милостив Бог за мир во Светата Земја и Блискиот Исток. Особено се молиме за Црквите во Египет, Сирија и Ирак, кои страдаа многу поради неодамнешните настани. Ги охрабруваме сите страни, без оглед на нивните верски убедувања, да продолжат да работат за помирување и за правично признавање на правата на народите. Длабоко сме убедени дека не оружјата, туку дијалогот, простувањето и помирувањето се единствените можни средства за постигнување на мирот.

9. Во овој историски момент, обележан со насилство, рамнодушност и себичност, многу мажи и жени се чувствуваат збунети. Токму со општото сведоштво за добрата вест на Евангелието можеме да му помогнеме на модерниот човек повторно да се најде на патот кон вистината, правдата и мирот. Со заеднички намери, потсетувајќи на примерот на папата Павле VI и патријархот Атенагора пред педесет години тука, во Ерусалим, упатуваме апел до христијаните, до верниците од другите религиозни традиции и сите луѓе со добра волја, да станат свесни за овој итен момент, кој нè повикува да го бараме помирувањето и единството на човечкото семејство, почитувајќи ги легитимните разлики за доброто на целото човештво и идните генерации.

10. Живеејќи го заедништвото на општото поклонение на местото каде што нашиот единствен Господ Исус Христос беше распнат, погребан и воскреснат, смирено ги доверуваме на застапништвото на Пресветата Девица Марија, нашите идни чекори кон целосното единство, а исто така го препорачуваме и човечкото семејство на неизмерната Божја љубов.

„Да погледне милостиво кон тебе Господ со светлото Свое лице и да те помилува! Да го сврти Господ кон тебе лицето Свое и да ти даде мир!“ (Броеви 6, 25-26).

РВ/В.Н.

Категорија: Свет

За авторот