Заврши Молитвената осмина за единство на христијаните

Заврши Молитвената осмина за единство на христијаните

Автентично помирување меѓу христијаните ќе се оствари единствено ако можеме да си ги признаеме даровите едни на други и понизно да учиме едни од други – порача папата Фрањо на 25 јануари 2017 година до присутните од различни христијански цркви, во базиликата Свети Павле надвор од ѕидините.

Автентично помирување меѓу христијаните ќе се оствари единствено ако можеме да си ги признаеме даровите едни на други и понизно да учиме едни од други – порача папата Фрањо на претставниците на различните христијански цркви, кои на 25 јануари 2017 година вечерта се собраа во базиликата Свети Павле надвор од ѕидините. Папата ја предводеше свечената Втора вечерна по повод празникот Преобраќање на свети Павле и за крајот на Молитвената осмина за единство на христијаните.

Во својата проповед Светиот Отец размислуваше на темата за овогодинешната молитвена осмина, која гласи: „Помирување – љубовта Христова нѐ обзема.“ Помирувањето – рече – е дар Христов. Помирувањето е Божји дар кој бесплатно му се дава на секој од нас, претходејќи на било кои човечки напори, на верниците кои се стремат да ги надминат меѓусебните поделби. Како резултат на овој дар, секој човек, на кој му е простено и кој е љубен повикан е за возврат да го навести Евангелието на помирување со зборови и дела, живеејќи и сведочејќи помирен живот.

Папата потоа се запраша: „Како го навестуваме оваа Евангелие на помирување денес по векови поделба?“ Свети Павле јасно вели дека помирувањето бара жртва и револуција во нашиот начин на живеење – рече Папата. Како што Исус го даде својот живот за нас, така и ние сме повикани да го дадеме својот живот: да не живееме повеќе за себе и за своите сопствени интереси, туку наместо тоа да живееме за Христос и во Христос, со неговата љубов и во неговата љубов.

За Црквата, за христијаните на било која конфесија и деноминација – рече папата Фрањо – ова е повик да не се потпира на програмите и плановите, ниту да се занимава со современата мода, туку да се фокусира на Господовиот крст затоа што таму ја „пронаоѓаме нашата програма за живот.“ Тоа е повик зад себе да го оставиме секој облик на изолација, да ја надминеме преокупираноста со самите себе која нѐ спречува да видиме како Светиот Дух делува надвор од нашето познато опкружување.

Додека погледот во минатото може да биде од помош и потребен за да се прочисти нашето сеќавање – рече Папата – ако сме само фокусирани на минатото и сеќавањето на направените и претпрпените неправди, расудувајќи го сето тоа чисто човечки, тоа може да нѐ парализира и спречи да живееме во сегашноста.

„Словото Божјо – продолжи Светиот Отец – нѐ поттикнува својата сила да ја црпиме од сеќавањето и да се присетуваме на добрите работи кои Бог ни ги дал. Но, исто така нѐ повикува да го оставиме минатото зад себе за денес да го следиме Исуса и да живееме нов живот во Него. Да му дозволиме Нему, Кој сѐ ново создава“ (Откр 21, 5), да ни ја открие новата иднина, отворената надеж која не разочарува; иднина во која поделбите можат да се надминат и верниците обновени во љубовта да бидат во полнота и видливо едно.“

Папата Фрањо потсети дека оваа година на посебен начин се присетуваме на 500 годишнина од протестанската реформација, додавајќи го фактот дека католиците и лутераните денес можат заедно да го одбележат тој настан кој толку долго ги делел христијаните, претставува „извонреден успех.“ Потоа посебно го поздрави православниот архиепископ – митрополит на Италија и Малта Генадиј Зеврос кој го претставуваше екуменскиот цариградски патријарх, и надбискупот Давид Моксон, претставник на англиканската заедница. Папата на крајот ги повика сите присутни да ја искористат секоја можна прилика заедно да се молат, заедно да навестуваат и заедно да љубат и служат, посебно на најсиромашните и најзапоставените меѓу нас.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма за умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот