Живот со мигрантите во Табановце

Живот со мигрантите во Табановце

Од самите почетоци на делување на Македонскиот Каритас во текот на мигрантската криза, Неда З. ти беше присутна на терен во непосреден контакт со мигрантите. Колку е различна ситуацијата тогаш и денес?

Во Македонскиот Каритас работам од 01 октомври 2015 година на проектот за мигрантската криза со еден краток прекин. Во почетоците секојдневно примавме пакети со храна (основни намирници кои можеа да ги понесат со себе и хигиенски пакети) во просториите на Каритас во Скопје и со комбе ги носевме на Табановце, на граничниот премин помеѓу Македонија и Србија. Тука мигрантите слегуваа од воз и пешки ја поминуваа границата и го продолжуваа своето патување. Ги чекавме возовите – не постоеше возен ред – и на излезот им ги дававме пакетите. Приливот на мигранти беше огромен и по 1.000 луѓе дневно, понекогаш се враќавме и по два пати од Скопје. Потоа границата се затвори за мигрантите, останаа во транзитните центри (преку 1.500 луѓе), малку по малку заминуваа, го продолжуваа своето патување и денес има од 10 до 30 луѓе дневно во центарот. Секако дека тоа не се истите, тука е многу динамично. Тешко е да се споредува, но мислам дека сега е повеќе потребно да се биде овде. Тогаш сите погледи и рефлектори беа насочени на оваа рута и беа присутни многу, многу хуманитарни организации на најразлични начини, сега преостанаа само неколку организации, а ми се чини дека луѓето кои доаѓаат се сѐ повеќе беспомошни, со помалку средства.

Која популација се наоѓа денес во ТЦ?

Моментално сите се мажи на помлада возраст, нив 25 од Сирија, Пакистан и Авганистан. Неодамна, имавме едно семејство со две деца, тие се враќаат во Турција. Имено, тргнаа од Сирија преку Турција, дојдоа до Германија и потоа видоа дека тоа не е нивниот дом, дека нема да трае вечно и одлучија да се вратат назад, иако добија документи за престој во Германија. Се вратија по истата рута по која дојдоа, само што сега беше потешко, бидејќи според нивните зборови наидоа на криумчари кои бараат пари, телефони. Пред неколку дена овде беа двајца сопружници од Иран кои стигнаа до Србија, таму беа сместени во прифатен центар 5 – 6 месеци, а потоа се одлучија да се вратат во Грција. На враќањето се задржаа во нашиот центар неколку дена.

Како би ја опишала својата работа?

Јас работам во кујната која ја води Црвениот Крст на Македонија, а помагам во дистрибуција на храна која ја набавува и Македонскиот Каритас (три пати неделно ручек и три пати неделно доручек). Тоа не е обично делење на храна, како во некоја друга кујна. Пред сѐ често се менуваат луѓе, доаѓаат со најразлични ситуации, а сите ги поврзува една беспомошност, несигурност. Додека делам ручек имам можност да комуницирам со нив, тие ја земаат својата порција, како сега се мал број на мигранти, се задржуваат во трпезаријата за време на оброкот и за тоа време разговараме, се шегуваме… Се разбираме малку на англиски, научив по некој арапски збор, тежок јазик… но, секој јазик е богатство, многу тоа и ќе дознаам секогаш кажуваат нешто интересно, што се случило по пат.

Што доби со оваа работа, работата со мигрантите, за тебе лично?

Мислам дека искуствата се разновидни, можам да видам, доживеам, да почувствувам многу нешта. Сосема различно размислувам за сѐ по средбата со овие луѓе. Ме исполнува оваа работа, тоа е едно големо искуство. Во овие неполни две и пол години, мислам дека тешко би доживеала некаде на друго место толку многу. По природа сум комуникативна, лесно се зближувам со луѓето и проживувам со нив. Видов многу, многу страдања, тоа е борба за живот, жална борба.

Може да се спореди твојата/нашата животна ситуација со нивната?

Нема шанси, не може да се спореди. Не сакам да кажам дека мојата, нашата животна ситуација е лесна, тешки се животните услови, економските и сите други, но кога ќе ги видиш нивните потешкотии, гледаш колку може да биде потешко на луѓето, не можеш да споредуваш. Јас имам кров над глава и секоја вечер можам да легнам мирно, а тие, постојано на пат: паѓа дожд, снег, ветер, без облека, во непознато, тешка животна ситуација, не е можно да се споредува. Понекогаш се прашуваме дали потребата ги присилила на овој пат? Она што јас го приметив во средбата со нив, поголемиот број од нив бегаат од нешто, 90% од нив бега од нешто, од војни, од немање, не бегаат затоа што сакаат да побегнат, туку бегаат поради нешто, некој можеби и поради тоа што не сака да одлежи затворска казна, направил некое криминално дело и побегнал од државата, некој бега затоа што е економски слаб. Тоа го приметив особено во разговор со луѓето од Авганистан, обично се бројни семејства, нивната економска ситуација е навистина тешка од нивните раскажувања. Накратко и тажно: сите бегаат од нешто, од некоја тешка ситуација.

Кои моменти те исплнуваат со радост, а кои те растажуваат во оваа работа?

Секој мигрант кога ќе дојде, се врзувам емотивно, се поврзувам со нив, стануваат дел од нашето секојдневие. Во моментот кога ќе дојдат да се поздрават, обично ми велат: јас одам вечерва кон Србија, дојдов да се поздравам. Сега беа тројца млади од Алжир, имаа 23 години, четири месеца беа во кампот, така се вклопивме, игравме одбојка, игри, не бараа азил, бевме како семејство. Кога дојдоа да се поздрават, тие плачеа и јас плачев, ми беше жал за нив. Тие моменти се тажни, посебно кога ќе видам семејство со деца како продолжува на пат. Заминувањата се тешки. А среќните моменти? Едноставните секојдневни случувања, кога ќе успееме да разубавиме нечиј ден. Кога ќе дознаеме дека некој од мигрантите има роденден, па ќе приредиме некое изненадување, ќе направиме некој колач, песната без која не може „Happy birthday“. Еднаш, за еден спремивме печена кокошка за ручек и салата, кога дојде по ручекот, пријатно се изненади, се израдува кога запеавме. Кога ќе видиш дека на момент очите им сјаат од радост или се полни со солзи радосници и мене ме обзема радост.

Една мисла, порака за крај?

Ме радува што преку оваа работа можам одблиску и секојдневно да „споделам патување„ – како што нѐ повика сите нас папата Фрањо во кампањата на Каритас „Share journey„ – со овие луѓе.

Се обидувам во рамките на моите можности да изразам срдечност, отвореност и радост и би сакала секој што ќе помине низ нашата земја да го доживее тоа во секоја средба. И секако желба и молитва: да се пристапи искрено кон решавањето на причината која ги тера овие луѓе во бегство; да се завршат војните, да се избришат економските нееднаквости… секое човечко суштество да може да искуси и живее во слобода, достоиство и мир во сопствената татковина.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот