Корумпираните луѓе многу тешко го менуваат својот живот.
Мачеништвото на Иван Крстител, најголемиот роден од жена, како што го нарече Исус е големо сведоштво. Животот има вредност само ако е даруван за другите во љубовта и вистината; во секојдневниот живот и семејството – рече папата Фрњо на светата Литургија која ја служеше во домот Света Марта на 8 февруари 2019 година, толкувајќи го литургиското Евангелие кое зборува за мачеништвото на свети Иван Крстител.
Во настанот од евангелскиот дел се опишани четири ликови – рече Папата и истакна: Царот Ирод корумпиран и нерешителен; Иродијада жената на братот на царот која единствено знаела да мрази; Саломе суетна танчерка и пророкот на кој му е отсечена главата во затворот. Папата настанот го опиша започнувајќи од крајот на евангелскиот дел, раскажувајќи за учениците на Иван кои го барале телото на пророкот за да го погребат.
„Најголемиот роден од жена“, завршил на таков начин – рече Светиот Отец и продолжи: Иван знаел дека мора да се понизи. Тоа го зборувал од почетокот, кажувајќи за Исус: Тој треба да расте, а јас да се намалувам. Се понижил до смрт. Тој бил Исусовиот претеча и навестител кој рекол: Не сум јас, Тој е Месијата. Го покажал на првите ученици и потоа неговото светло згаснало, му се отсекува главата. Зошто тоа се случило? Не е лесно да се раскаже животот на мачениците. Маченишвото е служење, тајна, посебен и голем дар на животот. Но, на крајот, работите завршуваат насилно поради човечкото однесување кое води до одземање на животот на еден христијанин, на чесен човек, претворајќи го во маченик.
Пред сè царот кој верувал дека Иван е пророк, го слушал со радост, во одредени моменти го заштитувал; но го држел во затвор – рече папата Фрањо и додаде: Бил нерешителен затоа што Иван го укорувал заради прељубата. Преку пророкот Ирод го слушнал Божјиот глас кој му зборувал: „Промени го животот“, но тоа не можел да го направи. Царот бил корумпиран, а таму каде што е корупцијата многу е тешко да се излезе. Корумпираниот цар кој се обидувал да воспостави дипломатска рамнотежа помеѓу сопствениот прељубнички живот полн со многубројни неправди и светоста на пророкот која ја имал пред себе. И не успевал да го разврзе чворот.
Ирод го убил сопствениот брат за да ја има неговата жена. Евангелието за неа кажува само дека го мразела Ивана затоа што отворено зборувал – рече Папата и напомена: Знаеме дека омразата е способна на сè. Таа е голема сила, таа е дишењето на сатаната. Таа не знае да љуби, не може да сака. Нејзината љубов е омразата. Таа жена го имала ѓаволскиот дух на омразата, кој уништува. На крајот имаме трет лик, Саломе ќерката на Иродијада која убаво играла и им угодила на гостите на Ирод. Ирод бил воодушевен заради тоа ѝ рекол на девојката: Ќе ти дадам сè. Тој ги користел истите зборови кои ги користи ѓаволот за да го искуша Исус: Ако ми се поклониш ќе ти дадам сè, целото царство. Но, Ирод тоа не го знаел.
Зад тие ликови е ѓаволот, сеачот на омразата во жената, суетата во девојката и корупцијата во царот – рече Светиот Отец и истакна: А „најголемиот роден од жена“ завршил сам, во мрачната ќелија во затворот, поради каприцот на една суетна танчерка, омразата на ѓаволската жена и расипаноста на нерешителниот цар. Тој е маченик кој дозволил неговиот живот да биде намален за да даде место на Месијата. Умрел во ќелија, во анонимност како и многу наши маченици. Евангелието кажува само дека учениците отишле да го земат неговото тело за да го погребат. Тоа е големото сведоштво на еден големиот човек и светец.
Животот има вредност само во дарување, дарување во љубов и вистина; во дарувањето на другите во секојдневниот живот и во семејството – рече папата Фрањо и поттикна: Секогаш дарувајте го. Ако некој животот го земе за себе за да го сочува како царот во својата расипаност, или жената полна со омраза или суетната девојка, животот умира, венее и нема смисла.
Иван го дарувал својот живот свесен дека мора да се намалува за Исус да Го слушаат, видат и за Тој да се покаже. Ве советувам за тоа не размислувајте премногу, туку запамтете ја сликата на четирите ликови: корумпираниот цар, жената која знаела само да мрази, суетната девојка која за ништо не била свесна и пророкот кој останал сам во ќелијата и му е отсечена главата – заврши Папата.
Ватикан њуз/к.мк